Тренерот на Реал Мадрид, Карло Анчелоти денеска го поздрави извинувањето кое претседателот на ФИФА Сеп Блатер го упати до Кристијано Роналдо, но додаде дека пред да го искаже својот став првиот човек на ФИФА требал подобро да размисли.
– Штетата е веќе направена. Некогаш пред да кажете нешто треба убаво да размислите и да изброите до десет. Јас тоа го правам секој пат. Навистина ме чуди како можеше да се случи такво нешто. Роналдо е врвен професионалец и тој дава се што може на теренот, изјави Анчелоти, тренерот на „кралскиот клуб“ чиј член е Роналдо.
Блатер минатата седмица со потсмев го нарече Роналдо „командант на теренот“, а во исто време упати пофални зборови за Лионел Меси.
По реакциите кои на адресата на ФИФА пристигнаа од Реал Мадрид и од Португалската фудбалска федерација, Блатер му се извини на Роналдо и изјави дека тој е извонреден фудбалер.


