Сојузот на стопански комори (ССК) смета дека треба да се унапреди секојдневната непосредна комуникација меѓу бизнис заедницата и Управата за јавни приходи (УЈП) преку заедничко дефинирање протоколи и одржување редовни состаноци.
Ова денеска на средба во ССК и го соопшти претседателот на Сојузот, Трајан Ангелоски на директорката на УЈП, Сања Лукаревска.
На средбата стана збор и за подобро регулирање на онлајн продажбата, за сузбивање на нелојалната конкуренција, како и за намалување на парафискалните давачки и развивање механизми за да се спречи нивно ново генерирање.
Како што информира ССК, Лукаревска истакна дека УЈП е отворена за комуникација и е подготвена да ги разгледа сите иницијативи за креирање подобро бизнис окружување кои доаѓаат од деловниот сектор.
-Добрата соработка со бизнис заедницата е од голем интерес за УЈП поради што и ја инициравме оваа средба за запознавање со новиот претседател на Сојузот, рече директорката.
Според ССК, УЈП во последните години се изгради во професионална институција која вложува максимални напори за задоволување на современите потреби на бизнисите, нагласувајќи ја својата превентивна улога, пред репресивната.
-Во наредниот период сметаме дека треба да се поработи на унапредување на секојдневната непосредна комуникација која ја имаат претставниците на бизнис заедницата со Управата, преку заедничко дефинирање на протоколи, како и состаноци со редовна динамика на која ќе може да се добијат повеќе информации и да се објаснат дилемите кои постојат околу актуелни теми, нагласи Ангелоски.
Сојузот на стопански комори и Управата за јавни приходи во 2018 година потпишаа Меморандум за соработка, согласно кој двете институции ги обезбедуваат сите облици на соработка.
MИА
]]>


