Атанасов: Се намалува бројот на добиток во државата

Кога зборуваме за развој во сточарството треба да се има  предвид дека во услови кога една држава има ограничени финансиски и други ресурси, пред сѐ треба да направи анализа на состојбата во сточарството и факторите кои влијаат врз него. Мора мудро да се носат одлуки во кои области од сточарството ќе се инвестира или субвенционира, кои гранки ќе бидат стратешки и какви мерки ќе се превземаат во иднина. За таа цел беше изработена „Национална стратегија за развој на земјоделието 2007-2014”.  Во стратегијата беа предвидени многу елементи кои требаше да придонесат за значаен развој на сточарството во Република Македонија. Меѓутоа, при анализа на само неколку показатели и мерките кои државата ги спровела за исполнување на одредбите од стратегијата и ефектите од нив се гледа дека има тотално фијаско – поразителни бројќи како резултат на лутање во креирањето и спроведувањето на мерките за подобрување на условите во сточарството.

Имено, ако се знае дека владата само во периодот 2009-2015 година со „Програмата за директни плаќања во земјоделството”, преку мерките поддршка на сточарското производство и помош во сточарскиот сектор испланирала и потрошила 5.284.890.000,00 денари или 86 милиони евра, како и податокот дека со споредба на бројот на добиток во 2006 и 2015 г. (дадени во табела бр.1) може да се заклучи дека нема зголемување на добиточниот фонд во Република Македонија, туку напротив има негативен тренд или намалување на бројот  на добиток и тоа: говеда за -13.823 грла, свињи за -2.063 грла, овци за – 508.344 грла, коњи за -21.182  грла ( скоро 50%), живина за -645.448 грла, а зголемување на бројот на пчелни семејства за +8.248.

Табела бр.1 Број на добиточен фонд во период 2006-2015 година

* Податоците се преземени од Државниот завод за статистика на РМ

Година Говеда Свињи Овци Коњи Живина Пчелни
2006 255.430 167.116 1.248.801 40.553 2.585.327 67.804
2007 253.766 255.146 817.536 31.065 2.263.894 58.307
2008 252.473 248.874 816.604 30.936 2.226.055 61.705
2009 252.521 193.840 755.358 29.418 2.117.890 53.439
2010 259.887 190.552 778.404 26.658 1.994.852 76.052
2011 265.299 196.570 766.631 25.415 1.944.260
2012 251.240 176.920 732.338 21.676 1.776.297
2013 238.333 167.492 731.828 20.682 2.201.550
2014 241.607 165.053 740.457 19.371 1.939.879

 

Дека во секторот за сточарство работите не одат како што треба или се воделе погрешни политики може да се воочи и преку намалувањето на количината на производство на месо, млеко, волна, јајца и мед (табела бр. 2). Производството на говедско месо е намалено за -1. 610 тони, овчо месо за -2.471 тони, живино месо за -1.704 тони, а единствено кај производството на свинско месо има зголемување за 1.253 тони што е резултат на зголемената просечна бруто тежина на закланите свињи од 96 кг. во 2006 г. на 100 кг во 2014 г.

Табела бр.2 Производство на месо во тони

Година Говедско Свинско Овчо Живинско Друго
2006 7.132 8.633 7.198 3.715 1.363
2007 7.121 8.856 6.495 3.524 1.232
2008 7.018 8.703 5.204 3.012 1.128
2009 7.307 8.291 5.225 3.319 1.220
2010 6.082 8.292 4.786 3.236 875
2011 5.301 8.340 6.370 1.621
2012 4.981 10.598 5.600 1.945
2013 5.485 8.845 4.725 1.801
2014 5.522 9.886 4.727 2.011

* Податоците се преземени од Државниот завод за статистика на РМ

 

Производството на овчо млеко е намалено за -20.921 тони, на волна за -1.277 тони, на јајца за -83 милиони парчиња, на медот за -145 тони, а само кај кравјото млеко е зголемено за +152.301 тони како резултат на преориентација на сточарите од месо гојни говеда кон млечни крави (121.005 млечни крави во 2006 г.  126.762 млечни крави во 2014 г.) прикажано во табела бр.3. Негативни се показателите за осовремување на фармите и подобрување на зоохигиенските услови како и критериумите за исполнување на квалитетот на млекото.

Табела бр.3 Производство на млеко, волна, јајца и мед

Година Кравјо млеко во тони Овчо млеко

во тони

Волна

во тони

Јајца

 

Мед

во тони

2006 234 708 56.582 2.106 331.000.000 868
2007 373.706 35.473 1.113 321.000.000 699
2008 368.217 38.296 1.018 276.000.000 775
2009 342.622 32.934 951 274.000.000 791
2010 347.103 32.157 1.025 336.000.000 825
2011 376.290 25.381 975 296.000.000 1.105
2012 349.769 38.616 897 237.000.000 603
2013 380.735 34.270 841 216.000.000 784
2014 387.009 35.661 829 248.000.000 723

* Податоците се преземени од Државниот завод за статистика на РМ

 

Овие бројки укажуваат дека при креирањето на политиките и мерките во земјоделството, потребно е да се направат системски измени, пред сѐ во имплементацијата на стратешките планирања и креирањето на мерките во програмата за финансиска поддршка во земјоделството и ИПАРД програмата. При креирањето на „Програмата за финансиска поддршка во земјоделството” т.е. кај директните плаќања во земјоделството или кај народот познати како субвенции, поточно кај мерката поддршка во сточарското производство и нејзините подмерки  потребно е да бидат добро обмислени, конкретно насочени во одредени области, малубројни и долготрајни како би се почувствувал ефектот од нив. Мерките за субвенционирање во сточарството треба да бидат по грло добиток и со мерливи единици на производство (килограм месо, литар млеко, број на јајца итн.), да има субвенционирање во производството на добиточна храна. Понатаму при спроведувањето на земјишната политика да се доделуваат државни пасишта и земјоделско земјиште на вистинските сточари како и креирање програми за уредување на пасиштата со поила и изградба на патна инфраструктура до пасиштата. ИПАРД програмата треба да биде креирана со мерки и критериуми кои ќе овозможат полесен пристап на сточарите до овие средства. Секако, државата овде мора да даде целосен придонес и да застане како гарант за реализација на проектите. Со создавањето на вакви мерки ќе се придонесе сточарите да  се чувствуват сигурни и стабилни во бизнисот, да останат сточари, да инвестираат во нови објекти, во школување на кадри и во осовременување на сточарското производство, а со тоа ќе се постигне подобрување на конкурентноста на македонските сточарски производи на пазарот и подобрување на животниот стандард на сточарите.

 

Пишува: ДВМ Зоран Атанасов, Советник во кабинетот на дополнителниот заменик министер во МЗШВ

 

Најнови вести

Најново од Агро Бриф

Најчитани вести