Припадниците на српското МВР по наредба на Обвинителството за организиран криминал со координација на Европол и Европравда уапсиле 13 членови на организирани криминални групи кои функционирале како „Балкански картел“ во Србија, пишува српски Курир.
Приведените се осомничени дека учествувале во шверц на повеќетонски пратки кокаин што во Европа пристигнувале од Колумбија, Бразил, Еквадор, но и преку Западна Африка како логистичка и транзитна поддршка.

Поточно, станува збор за пет тони кокаин запленети во Аруба, Холандски Антили, 1,2 тони кокаин запленети во Хаселт, Белгија, како и 743 килограми кокаин запленети во Ротердам, Холандија. Доказите за нивната вмешаност во споменатите заплени се собрани при анализа на податоците од апликацијата „Sky Ecc“.

При претресот на становите и другите просториии на повеќе локации што ги користеле во Белград, Ниш, Лозница, Суботица и Зрењанин, биле пронајдени две снајперски пушки, три автоматски пушки, автоматски пиштол, четири пиштоли, бомба, четири пригушувачи, 24 патрони детонатор, пет направи за далечинско активирање детонатор, 13 пакувања пластичен експлозив, оптички нишан, неколку стотина парчиња муниција од различен калибар, перики, силиконски маски, поголема сума пари (само на една локација во бункерот, повеќе од 2,7 милиони евра во три пластични буриња) за кои постои сомневање дека потекнува од продажба на дрога.

Исто така при претресот пронајдени се и повеќе луксузни автомобили што ги користеле и луксузни часовници и други предмети.

На приведените им е одреден притвор во траење од 48 часа, по што нивните предмети ќе ги продолжи Обвинителството за организиран криминал.


