Само еден ден по масакрот во основното училиште „Владислав Рибникар“ во Врачар, во кој загинаа осум ученици и еден чувар, во училиштата во Србија се случиле дури четири инциденти. Она што е уште пострашно е што сите биле извршени од – деца.
Денот започна со веста дека ученик од Обреновац замавнал со пластичен пиштол по едноминутното молчење во чест на жртвите.
Полицијата веднаш реагирала и извршила разговор со ученикот.
Потоа се случил уште еден инцидент, во училиштето „Десанка Максимовиќ“ во Белград, каде деветгодишен ученик направил „листа за стрелање“ по примерот на ученикот кој ги убил другарите во Врачар.
Слична сцена се случила и во основното училиште во Калуѓерица, каде ученикот направил цел план за масакр. Полицијата брзо интервенирала.
Последниот инцидент се случил во приватното училиште „Руѓер Бошковиќ“, каде поранешен ученик со нож избодел наставник и ученик.
За потсетување, вчера се случи голема трагедија во српско училиште кога околу 08:40 часот малолетниот К.К.(13), ученик во седмо одделение, уби осум и еден член на обезбедувањето, а повреди шест ученици и наставничка.
Момчето само повикало полиција и кажало што направило. Веднаш било уапсено, а потоа биле приведени и неговиот татко и мајка.
Началникот на белградската полиција Веселин Милиќ објасни дека малолетникот К.К., ја планирал егзекуцијата еден месец. Тој го зел огненото оружје од станот на татко му и го однел во училиштето, а имал подготвено и четири молотови коктели.


