Ден после одлуката на Иванов, Македонија доживува сурово будење

Одлуката е толку драматична и далекусежна што не може и не смее да се сведе на “дали Иванов е глуп за сите пари“ или “токмак“ или “непромислен“.

Иванов е Претседател на Република Македонија и Уставот му дава право да носи суверени одлуки, па и ваква трагична одлука.

Од сето ова некои работи се јасни, а некои се помалку јасни.

Прво, јасно е дека оваа одлука е донесена во тесна координација со врвот на ДПМНЕ. Тука не треба да се има никаква дилема.

Второ, јасно е дека Иванов и Уставниот Суд ќе бидат последната брана на режимот која не смее да попушти. И оваа брана не е за потценување, бидејќи нејзиното рушење (на било каков начин) ќе значи де факто дека камен на камен нема да остане од правниот поредок во државата, а повторното градење на нов правен поредок ќе оди ужасно тешко. Тоа е опасната стапица што режимот долгорочно и ја постави на државата и на граѓаните.

Трето, јасно е дека странците не кумуваат на било каков начин на оваа одлука. Тоа ќе го видиме уште денес во нивните реакции. Одлуката којашто треба да падне деновиве во дипломатските кулоари не е воопшто лесна и во суштина ги дерогира сите нивни претходни напори (Пржино, СЈО, техничка влада итн.) на мирен начин да се реши кризата. Странците зад себе оставаат “гробница на погрешни проценки“ и нивната следна одлука неминовно мора да биде премин од “democratic pacification” во “regime change”. А за ваква крупна одлука прашање е дали имаат волја,ресурси, време и конечно, интерес. Хан, миту Могерини, секако нема да кумуваат на ваквиот евентуален процес. Единствен кој може да кумува е некаков специјален претставник од Вашингтон (да, време е за некаков формат на Холбрук!) кој би долетал со специјален авион деновиве.

Она што не е јасно, ни на дипломатите, ни на ДПМНЕ и Иванов, ни на опозицијата…е колку граѓанството ќе се покаже резистентно и настојчиво во овие тешки моменти. Бидејќи разбудено граѓанство е клучниот елемент за сето ова да успее и евентуално да заврши на некаков мирен начин. Да немате дилеми, контра-граѓанството веќе е разбудено и веројатно чека да влезе во подготвените автобуси. Тврдата диктатура не’ чека зад аголот.

Друга работа што не е јасна е дали Ангела Меркел ќе му сврти телефон на директорот на Deutsche Bank со цел да запрат сите кредитни линии кон Владата на Република Македонија. Соодветно, по истиот домино ефект, тоа треба да го направат и останатите кредитори. Македонија нема нафта, дијаманти или злато за да може да се алиментира режимот.

Трета работа што воопшто не е јасна е како ќе се однесуваат структурите во МВР во однос на овие драматични општествени конвулзии. Полицијата е единствениот столб во државата без кој не се може. Таа по дефиниција е/треба да биде монолитна, дури и кога преоѓа на другата страна, на страната на граѓаните наспроти режимот. Но сегашната поделба во МВР е многу вознемирувачка до мерка да граѓаните нема да знаат кој точно стои од онаа страна на барикадите, а тоа ќе внесува дополнителна вознемиреност и можни ескалации.

Теоретски, но и како историска паралела. единствен веродостоен еквивалент и одговор на ваквата состојба е 5-ти октомври, или евентуално, ако режимот добро ги проучил историските читанки, негова самоволна демисија.
Се гледаме денес во 18 часот пред СЈО!!! И се надевам секој ден потоа…

Фејсбук статус на Гордан Георгиев

Најнови вести

Најново од Ракурс, Ударни вести

Најчитани вести