Со портрети на поетот Ристо Лазаров и на писателот Блаже Миневски во Центарот за култура „Ацо Караманов“ денеска во Радовиш продолжуваат јубилејните 40. „Караманови средби“.
Во рамки на одбележувањето предвидени се трибини „Сликање на пишаното и читање на сликаното“ и „Безвременото во креативниот чин“.
Манифестацијата „Караманови средби“ беше отворена во петокот со изложба на фотографии од Хрватот Мио Весовиќ, музички настап на Мерсиха Шукри на харфа и стихови од Караманов во изведба на актерот Страшко Милошевски.
Се одржа поетски мозаик со сите 40 учесници, како и претставување на поетите гости од БиХ, Хрватска, Србија, Словенија и Србија.
Традиционалната награда „Караманов 2013“, за која годинава конкурирале 25 поетски ракописи од Македонија, и беше доделена на младата поетеса Марина Мијаковска за книгата „Психоаналитичка алхемија од страсти“.
Книгата на Мијаковска, според жири-комисијата, се одликува со исклучително оригинална концептуална структура со особена мета текстура на естетските и семантичките мотиви низ кои доминира патувањето, коешто низ стоховите на Мијаковска се доживува како едно посебно откривање во јазикот.


