Денис Родман се извини за коментарот околу затворениот Американец во Северна Кореја

Поранешната американска кошаркарска ѕвезда Денис Родман се извини за коментарите што ги даде околу американскиот државјанин Кенет Бае кој е во затвор во Северна Кореја.

Во интервју во САД, пред неговото најново патување во Пјонгјанг, Родман ги отфрли барањата од разни американски хуманитарни организации да се заложи кај севернокорејските власти за ослободување на Бае.

Во интервјуто, Родман ги налути Амерканците затоа што го обвини Бае дека самиоте виновен затоа што сега е во затвор. Родман кој стана одново интересен за американската и светска јавност, откако почна често да патува и да престојува во Северна Кореја, сега изрази жалење поради коментарот даден за Бае, објаснувајчи дека бил „под дејство на алкохол“.

Во Пјонгјанг, вчера се одржа ревијален кошаркарски натпревар меѓу репрезентацијата на Северна Кореја и една селекција од американски кошаркари, поранешни играчи во НБА, што ги одбра и ги предводеше Родман.

Мечот се играше во чест на роденденот на севернокорејскиот лидер Кин Јонг Ун.

Нема официјално објаснување кога е роден Јонг Ун, ниту колку години наполни. Во соседна Јужна Кореја има различни проценки за возраста на севернокорејскиот лидер. Според едни тој има 30, а според други тој полни 35 години.

На ревијалниот натпревар присуствуваше и Ким Јонг Ун со својата сопруга, а Родман заедно со неколкуилјадната одбрана публика во салата во Пјонгјанг ја пееше традиционалната песна „Среќен роденден“ што овој пат беше приспособена за „милиот лидер“.

Родман кој е познат по своите настапи како играч на „Чикаго Булс“ и на „Детроит Пистонс“ на неколкупати престојуваше во Северна Кореја и се среќаваше со Ким Јонг Ун. За севернокорејскиот лидер вели дека е негов „доживотен пријател“ и отфрла секаква можност во Пјонгјанг да покренува политички прашања.

Кенет Бае е Американец од корејско потекло. Во мај минатата година тој беше осуден на 15 години тешка работа, откако беше обвинет дека својот бизнис, како туристички оператор, го користел за „ковање заговор“ против Северна Кореја.

]]>

Најчитани вести