Дневница на сезонски берачи на јагоди до 50 евра! Производителите открија како да разликувате домашен производ од увезен

Секоја година на почетокот на мај, Вргорац е домаќин на Денот на јагодата, земјоделски и културен фестивал на кој се слави бербата на јагоди, а почнува во април.

За време на овој фестивал се организираат различни културни настани и игри. На манифестацијата посветена на кралицата на пролетните овошја, домашните производители и оваа година ги изложија своите јагоди, но одговорија и на се почестите повици од купувачите поради – како што велат – неправедно критикуваните цени.

Цената на јагодите сезонава се движи околу пет евра за килограм, што предизвика одреден револт на социјалните мрежи и на пазарите. Но, производителите предупредуваат дека тоа е макотрпна работа.

– Бербата започнува во шест часот наутро и трае до пладне. Сонце, наведнат грб, постојано во движење – тоа не е работа за секого – велат локалните берачи кои сметаат дека цената е фер.

Се чини дека така мислат и купувачите, бидејќи и покрај зголемената инфлација, побарувачката за јагоди од Вргорац е сè уште висока. Покрај тоа, многумина доаѓаат од други градови – и земји – за да ги купат директно од производителите.

„Тешко дека ќе најдете подобри“

– Тие се слатки, превкусни. Избравме неколку зрели. За нив дојдовме од Омиш – рече Игор, еден од муштериите. Радојка, долгогодишен производител од Вргорац, за ТВ „Дневник Нова“ вели дека јагодите најдобро е да се купуваат од пластеници бидејќи имаат многу помалку пестициди, помалку се прскаат, а се заштитени.

– Што се однесува до вкусот тешко дека ќе најдете подобри од нашите.

Годинава сезоната е задоволителна, а работници има доволно. Најголемиот број доаѓаат од соседна Босна и Херцеговина. Дневната заработка на сезонски берач може да достигне и до 50 евра, а едно лице, во зависност од брзината и искуството, може да бере од 10 до 15 гајби со јагоди дневно.

Транспарентно пакување

И како да ги препознаете домашните јагоди? Поради се почестите измами на пазарите, производителите ги предупредуваат купувачите во Хрватска како да ја разликуваат домашната од увозната стока, пишува Дневно.хр.

– Нашите јагоди доаѓаат исклучиво во проѕирно пакување на кое јасно пишува: ‘Вргорачка јагода – Хрватска’. Тоа е единствениот сигурен начин да знаете што купувате – велат производителите.

Најнови вести

Најново од Агро Бриф

Најчитани вести