Добивме отказ бидејќи си ја баравме чесно заработената плата

Пред околу еден месец напишав една колумна посветена на мизеријата во која живеат и работат новинарите дописници, а тоа деновиве се покажа и на дело. Заедно со мојот снимател Илчо Димески бевме вработени во ТРД ХДТВ МЕГА ДООЕЛ СКОПЈЕ. Бидејќи немавме земено скоро 3 месеци плата, како отпор кон тоа престанавме со работа неколку денови. За тие денови постојано добивавме мејлови со некакви наводни налози за работа за кои и ние и тие беа свесни дека ќе ги одбиеме и нема да ги исполниме. За да апсурдот биде поголем дел од тие налози се однесуваа да снимаме прилози на локации надвор од Прилеп, а горивото потребно за снимање никогаш и не беше покриено од фирмата. Значи ем што работиш за џабе 3 месеци, ем плус и од својот џеб треба да дадеш пари за нив.

На 26 октомври се случи и она што се очекуваше, не избркаа од работа бидејќи си ја баравме чесно заработената плата, со образложение дека не ги исполнуваме работните обврски итн..

И несакам со оваа колумна да кукам и да плачам туку повторно да ја претставам само реалната слика за новинарството. Јас секогаш ќе бидам новинар, тоа на сите да им биде јасно, без разлика каде ќе работам, но тие кои го дадоа овој отказ во иднина сигурно нема да бидат на оваа позиција на која што се сега.

Е во таква држава живееме, во таква ситуација се наоѓаат новинарите во Македонија каде немаме право да си ја побараме ниту чесно заработената плата. Замислете 3 месеци немаат дадено плата, работевме како робови, работевме за две телевизии и за ХДТВ МЕГА и за ТВ НОВА за иста плата, се случуваше во текот на денот да имаме и по 2 до 3 прилози, снимавме и цели емисии, јавувања во живо, линкови и замислете на крајот не смеете да си ја побарате платата.

Во оваа држава се е изместено од колосек, одредени луѓе замислуваат дека може да го поседуваат вашиот личен живот, да си поигруваат со вашата судбина и со судбината на вашата фамилија, некој во државава се замислува дека е Господ. Ете до тој степен е дојдено лудилото во кое секојдневно живееме.

Никој не смее ниту да кркне, не 3 ако треба 12 месеци ќе работиш без плата и ќе прашаш дали треба уште.

 

За жал нема ниту закон кој може да не заштити како новинари, бидејќи зад целата приказна стои Шефот која кажува кој новинар е послушен, а кој новинар не бил послушен. Кој ќе добие отказ, а кој нема да добие. Кој може, а кој неможе да работи. Новинарите немаат заштита од никого.

Годинава во ноември полнам точно 10 години откако работам како новинар дописник за Прилеп и сите околни општини Крушево, М. Брод, Кичево, Кривогаштани, Долнени. Започнав во најмоќната и најугледна телевизија во тоа време А1. По нејзиното затворање си отворив свој весник за туризам и бизнис „Патоказ“ и интернет портал.

Продолжив со МТВ каде исто така платите за дописниците доцнеа со месеци, и на крајот на некои од тие дописници МТВ им остана должна ако добро се сеќавам повеќе од 6 до 7 плати. Еј 6 до 7 месеци да работиш без скршен денар. И дури им велеа дека требало да бидат лојални кон фирмата затоа што таа била во криза. МТВ, која се финансира со наши пари била тогаш во криза ? Токму поради тоа дел од дописниците кои работеа тогаш за МТВ покренаа и тужба против Јавниот сервис. Тој процес е во тек.

Последно пак работев една година како дописник на ХДТВ МЕГА и ТВ НОВА. Не дека 10 години се некое големо искуство, ама пак не се ни толку малку.

Морам да кажам дека никогаш не било сјајно кога станува збор за новинарството, притисоците постоеле отсекогаш. Од газдите, од уредниците и од буквално сите партии, без разлика дали биле во тоа време на власт или пак во опозиција. Кај нас за жал така политичарите го разбираат слободното новинарство, кога тоа е целосно под нивна контрола.

Но со сигурност можам да кажам дека како што сега новинарството го има допрено дното, тоа никогаш не било полошо.

Како мала сатисфакција по отказот ми дојде тоа што добив 3-то ноемвриска награда за промоција на туризмот во Прилеп. Горд сум на наградата бидејќи сметам дека добар дел од прилозите кои ги работев ги посветив токму на промоција на тој алтернативен, спортски, културен и фестивалски туризам кој секоја година носи се повеќе посетители во Прилеп. Тоа го правев особено во мојот магазин за туризам и бизнис Патоказ, кој беше единствено списание од ваков вид во Македонија. Овој вид на туризам е еден успешен рецепт кој Прилеп го пронајден за да носи туристи тука и тој рецепт треба да се следи и понатаму.

Прилозите пак ги снимавме заедно со мојотснимател Илчо Димески, со кого го поминав поголемиот дел од мојата кариера, под секакви временски услови, дење, ноќе, кога грее сонце и кога студи, затоа што поголемиот дел од овие туристички настани, особено алтернативниот спортски туризам, се одвиваа токму под вакви околности и на најразлични места кои се често пати и тешко достапни. Снимавме локации и настани кои дотогаш не виделе ниту фотографија, а не пак видео снимка.

Оваа награда посебно ми е драга бидејќи за неа ниту сум се молел некаде, ниту сум лобирал, ниту пак сум ја барал. Сите кои се запознати со оваа област го знаат мојот ангажман тука и се сведоци за моето вложување за развојот и промоцијата на туризмот во Прилеп.

Како што кажав наградата ја добивам по повод празникот 3-ти ноември, денот кога го славиме ослободувањето на Прилеп од кога поминаа 72 години. Но и после 7 децении од тој идеал наречен  „Слобода“ за кој загинале илјадници луѓе, ние денес за жал сеуште во Македонија дебатираме околу тоа дали има или нема слобода.

Тоа е навистина трагично и жално и после 70 години од формирањето на современата македонска држава да се запрашуваме дали живееме во слободно општество. Кога е во прашање слободата во новинарството во овој момент тука нема дилеми – неа воопшто ја нема.

Нарушени се основните принципи на новинарството : вистината и слободата. Таа слобода нас ни ја украдоа, газдите, политичарите, власта, опозицијата, уредниците… буквално сите. И за жал ние сами тоа си го дозволивме. Се додека не си ја вратиме назад таа слобода тешко дека во иднина може да зборуваме за новинарство. Тоа ќе биде се, само нема да биде новинарство.

Нека ни е честит празникот на ослободувањето на Прилеп 3-ти ноември.

П.с. Деновиве пуштија плата за август, да не речат после дека не кажувам.

Извор:Патоказ

Најнови вести

Најново од Ракурс

Најчитани вести