Во модуларната болница имало ПП-апарати, но истрагата ќе покаже што точно се случило и зошто за толку кратко време изгорел целиот објект, вели д-р Нуредини.
Тој беше запрашан и зошто се дозволувало да има посети во ковид-центарот, на што рече дека таму имало хоспитализирани роднини на вработени и дополнително ќе се утврди кој и зошто бил внатре.
Пожарот во ковид-центарот во Тетово ја пеплоса модуларната болница за три минути. Јас веднаш отидов таму кога ми јавија, но веќе сѐ беше завршено, вели координаторот на ковид-центарот, д-р Гзим Нуредини.
Тој на денешната прес-конференција во Тетово рече дека пациентите се спасувале и сами, со кршење прозорци, но за жал живи останале само 12 луѓе, додека 14 се мртви. Тој рече дека тие 12. што успеале да се спасат се префрлени на интерното одделение во тетовската општа болница и се во добра здравствена состојба, односно немаат последици и сериозни повреди од пожарот.
„Сето тоа траеше од три до пет минути. Медицинските екипи, вработените и лица коишто беа надвор, роднини коишто сакаат да комуницираат со нас… сите тие помогнаа и, замислете, сѐ се случи за само три минути. За тоа време се спасија само овие 12 пациенти. Другите не се успеаја бидејќи пламенот за кратко време го зафати целиот простор“, рече Нуредини.
Според него, во модуларната болница имало ПП-апарати, но вели дека истрагата ќе покаже што точно се случило и зошто за толку кратко време изгорел целиот објект.
“Снимките од безбедносните камери се веќе предадени во обвинителството”, рече Нуредини.
„Нам ни е чудно како може за само неколку минути да изгори целиот објект. Дури и суво дрво да е нема да изгори за три минути. Но, ние не сме експерти за тоа, затоа баравме јавен обвинител да направи увид. Не сакаме да го политизираме настанот, истрагата нека утврди како се случи и зошто изгоре толку брзо“,вели Нуредини.
Извор: 360 степени
]]>


