Почитуван Атанас Кировски, драг мој Саки… Верувај, навистина сеуште те сметам за драг пријател и колега, иако сега си во една улога која треба да го одбрани она што не се брани. Знам дека ништо нема да се промени. Ја немаш ти таа моќ, колку и да мислиш дека ја имаш. Тешко дека сега ќе ти помогнат и пријателите махери за Пи-Ар. Толку им беше доволно и ним. Освоени се наградите. Приказната за црвениот телефон е завршена. На полиците се статуетките. Златни, сребрени… Неми.
За жал, драг мој Саки, само ја потврди праксата во еден дел од медиумите во Македонија, дека главните уредници се на истата страна со менаџерите и сопствениците. Таа страна никогаш нема да им даде предност на новинарите и на новинарската професија, туку секогаш ќе се грижи за профитот и бизнис аспектите.
Ќе речеш, тоа е правото и интересот на приватниот капитал, ама медиумскиот бизнис не е како и фабриката за чевли. Самиот многу добро знаеш дека оваа професија има едно проклетство ако гледаш од аспект на капиталот, или доблест ако гледаш од аспект на граѓаните, а тоа е – јавниот интерес. Дури и кога станува збор за приватните, комерцијални медиуми.
Чувари на тој јавен интерес се новинарите и уредниците. И само оние новинари и оние уредници со интегритет.
Ти, драг мој Саки, го подели својот интегритет. Барем така се надевам. Едната половина ја даде под хипотека на интересите на капиталот, а другата половина, барем така очекувам, ја задржа за да имаш бонитет да го браниш јавниот интерес.
Ама, тука, ти тоа најдобро го знаеш, се судри со самиот себе си.
Ти сега треба да се караш со самиот себе си. Со едната половина, ставена на услуга на сопствениците, треба да го браниш интересот на капиталот, на профитот, а со другата половина која, барем така се надевам, го негува огнот на уредникот, треба да се ставиш во одбрана на своите колеги.
Почитуван мој Саки, уредниците, главните уредници, се чувари на огнот, На огнот на професијата. Прометејскиот. Ти тоа многу добро го знаеш зашто си философ. По образование. Една од најважните задачи на уредниците е да ги инспирираат новинарите. Успехот на медиумите зависи од новинарите. Новинарите, доколку имаат таков уредник, се огледало на енергијата на ентузијастичкиот лидер или на летаргијата на обезличениот, обездуховен уредник. Уредникот секогаш треба да претпостави дали неговата одлука ја поттикнува или обесхрабрува креативноста на новинарите во редакцијата. Добриот уредник треба да знае дали тоа што го прави или вели инспирира позитивен импулс кај неговите колеги; дали неговите постапки охрабруваат или фрустрираат. Да, понекогаш уредниците соопштуваат лоши вести за работата на медиумот, за одлуките на менаџерите, кои задираат во финансиската и социјалната сигурност на новинарите. Но, тоа мора да го прават искрено и чесно – отворено.
Но секогаш, ама секогаш, прво ќе застанат во заштита на новинарите.
Тешко е, но не е невозможно.
Саки мој, кажи ми колку е тешко да застанеш во одбрана на Соња Николовска, Панта Џамбазовски, Емилија Лазаровска, Виолета Зајкова, Соња Николовска, Јулијана Лефковска Пешевска… И сите други, бидејки не ги знаеме имињата на сите.
Соња, Панта, Јулијана, Виолета… до вчера известуваа за најважните настани, дремеа на дожд, на ветер пред институциите и известуваа како ниту еден од новите репортери… Како тоа преку ноќ станаа технолошки вишок?!?
Те молам кажи ми како можеш да застанеш пред Tomislav Osmanli и да му кажеш „те прегазило времето“?!? На Томислав Османли.
Како може на Branka Kostic Markovic да и се заблагодариш за нејзините услуги досега… Па Бранка со боринче да ја бараш никогаш повеќе нема да ја најдеш, а тебе ти беше тука…
Ех мој Саки… Навистина. И јас и ти поминавме разни медиумски премрежја и сме доживеале неправди. Но, јас сега живеам и една друга професионална приказна. Знам дека не е фер кон другите, но мене ме заштити мојот директор. Тоа значи дека постојат решенија и има избор. Само треба да се одважиш.
Уште еднаш ќе ти кажам: Тешко е, ама не е невозможно.
И, Саки, јави се на црвениот телефон… Пи-Ар кампањата заврши.
Фејсбук статус на Зоран Бојаровски


