Додека јавноста сè уште чека одговори за тоа како директорот на НОМАГАС, Недим Рама, од рент-а-кар бизнис стигна до луксузни апартмани во Маврово, а притоа нема пријавено никаков имот до ДКСК, денеска отвораме уште едно важно прашање – медиумско-бизнис мрежата која стои зад промоцијата и заштитата на овој капитал, стои во соопштението на ДУИ, што МИА го пренесува интегрално.
Да потсетиме, според јавно достапните документи и имотни листови, Недим Рама и Л.Х.се поврзуваат со недвижности во Маврово, односно со апартмани лоцирани во атрактивен туристички комплекс.
Станува збор за имот кој во јавноста се промовира како луксузно сместување, а кој отвора сериозни прашања за потеклото на капиталот, особено ако се има предвид дека директор на државна компанија нема пријавено никаков имот во анкетниот лист до ДКСК.
Но, приказната не завршува тука.
Освен што делат заеднички имот во Маврово според имотен лист, Л. Х. преку компанијата „Висион Медиа“ ги рекламира токму апартманите на Недим Рама.
И тоа не било каде.
Рекламите се вртат во најстрогиот центар на Скопје – на дигиталниот видео-бим на плоштад Македонија, простор со огромна видливост и влијание.
„Висион Медиа“ е компанија за дигитално видео рекламирање во сопственост на Л.Х. и „Страто Консалтинг“. А сопственик на „Страто Консалтинг“ е Б. М. – основач на eден портал близок со Изет Меџити.
Токму порталот е еден од медиумите кои постојано се рекламираат на овие видео-бимови.
И тука се отвора прашањето: Дали станува збор за случајна деловна соработка или за затворен круг на бизнис, медиумско и политичко влијание?
Бидејќи документите покажуваат нешто многу интересно. Според вкупниот финансиски извештај со спецификација на приходи и расходи од трансакциската сметка за локалните избори 2025 година, коалицијата ВЛЕН најмногу средства за рекламирање на веб-портали исплатила токму на порталов. За рекламен простор, порталов доби 580.820 денари.
Затоа денес јавноста има право да праша:
Колкав реален приход остварува Недим Рама од издавањето на луксузните апартмани во Маврово? Дали тие приходи воопшто можат да ја оправдаат ваквата скапа и интензивна рекламна кампања на една од најекспонираните и најскапи локации во центарот на Скопје?
Дали приходите од издавањето на луксузните апартмани во Маврово уредно се пријавуваат и се оданочуваат согласно закон или станува збор за практики кои можат да значат работење на штета на државниот буџет?
Од кои извори се финансира ваквото рекламирање и дали зад тоа стои класичен бизнис модел или нешто многу пошироко – затворен круг на финансиски, медиумски и политички интереси?
Дали луксузните апартмани во Маврово се само туристички бизнис – или дел од поширока мрежа на влијание, пари и политички релации?
И конечно – кој сè стои зад капиталот, влијанието и медиумската поддршка што се врти околу Недим Рама?
Им порачуваме на институциите да не молчат. Очекуваме финансиските текови, сопственичките врски и политичко-медиумските релации да бидат детално истражени.
Граѓаните заслужуваат одговори.
ДУИ


