“Дуинг бизнис” претстава

… Спиевте мирно и безгрижно. Како бебе. Сонливо ги отварате очите во земјата која е топ реформатор во светот. Во земјата во која цветаат правдата, бизнисот, инвестициите и развојот, а граѓанската благосостојба преминала веќе во магична шербет состојба, па се чувствувате како прима балерина.

Се будите со класична музика во вашиот комплетно затоплен дом за кој ви се платени сите даноци и комуналии. Не заборавате да измиете заби и лице, па по неколку минутното љубење со себе си во огледалото правите пируета и одите да го зграпчите денот.

Ве чека модерна инфраструктура. Нема споменици. Нема палми со тушеви и пелени. Нема кал. За трамвај и јавен превоз чекате максимум една минута. Околу вас сите прават пируети и волшебно чекорат по широките булевари и безбедни улици. Воочлива е прекрасната сообраќајна регулација. Возилата застануваат и чекаат додека не поминат сите пешаци. Пешаците не поминуваат на црвено. Царува сообраќајната култура. Нема бели чаршафи. Има ред.

Се упатувате во државната администрација. Сите административци се на своите работни места. Во една канцеларија нема по седумнаесет работни маси. Завршувате работа за пет минути. Администрацијата функционира бескпрекорно. На заминување, поданиците кои вие ги плаќате, не ве прашуваат дали сакате да ви гледаат на кафе и не ви даваат информации каде јајцата и маслинките денес се најефтини.

Следна дестинација е јавното здравство. Имате мала настинка. Во чистите болници ве дочекуваат пријатни сестри и нема пијани и уфилмани лекари. Нема смет и бубашваби. Има современа и напредна здравствена технологија и услови. Добивате совршен третман. Лекарите ви велат дека ќе ја следат вашата состојба во наредниот период. Нема листи на чекање. Се забележуваат само задоволни пациенти. Правите уште една пируета и кревате на телефон.

Ви се јавува вашиот син, студент кој е сместен во студентски дом. Ве информира дека само што се истуширал со топла вода, доручкувал топол оброк без влакна и муви во студентската кантина, па сега се спрема да оди да гледа проекција на едукативна емисија во студентската кино сала.

Додека се движите кон вашата компанија го среќавате вашиот пријател, земјоделец кој ги подигнал парите од субвенциите и покрај тоа што нема избори во најава. Не ви прави повеќе муабет за блокирани сметки и ниски откупни цени, туку ви подава еколошко јапонско јаболко и калинка кое го извезува низ светот по екстра цени. Тој е задоволен, а вие среќни поради неговиот гест.

Во вашата канцеларија ве дочекуваат вашите вработени, млади и прогресивни кадри, кои ви ги презентираат новите сознанија до кои дошле за подобрување на пазарната позиција на вашата млада компанија. Ве информираат дека продажбите на вашиот производ се зголемуваат. Им честитате, и заедно со нив продолжувате дополнително да истражувате и продуцирате за дополнителен напредок. Ги мотивирате, ги стимулирате, им давате бонус за добро сработената работа и нова инспирација. Тие уживаат, а вие се гордеете.

На одење кон дома навраќате и во туристичка агенција каде уплаќате викенд аранжман за вашето семејство во домашен туристички центар на планина. Правите две пируети. Една по друга.

Навечер не морате да одите во штаб, рано да си легнете или да ширите вируси и воајеризам на фејсбук. Имате повеќе алтернативни. На домашните ТВ не се емитуваат владини реклами, турски серии, куртон вести или српско реално шоу, туку македонска продукција. Пред вас стојат и новите светски книжевни изданија кои неодамна ги набавивте на саемот на книгата. Можете да одите на вечера и дружење со стари пријатели. Но, сепак се одлучувате да заминете во театар и да ја гледате новата претстава…

… Наеднаш се будите. Претставата завршила. Пред себе ги здогледувате пасошот, верификацијата на апликацијата за работа на брод и неплатената сметка за струја. И наместо пируета, правите салто мортале …

Пишува: Перо Костадинов

Најнови вести

Најново од Ракурс

Најчитани вести