Прилепската болница „Борка Талески“ потрошила средства без почитување на релевантната законска регулатива, особено во спроведувањето на јавните набавки со неправилности во благајничкото работење, односно при располагање со средствата во готово, утврдил Државниот завод за ревизија со ревизијата направена за 2024 година.
Државниот завод во извештајот изразил неповолни мислења во однос на вистинитоста и објективноста на финансиските извештаи и за усогласеноста на финансиските трансакции со законската регулатива.
-Утврдени се повеќе неправилности и слабости во работење на Болницата. Голем дел од обврските се евидентирани и платени ненавремено, селективно и без спроведени контроли, а кон поединечни добавувачи се извршени авансни плаќања без приложени фактури во износ од над 8.000 денари. Преземени се обврски за набавка на стоки и услуги во износ од 15.700 денари без постапка за јавна набавка, а во дел од спроведените постапки утврдивме несоодветна примена на Законот за јавни набавки. Набавена е медицинска опрема во износ од 26.900 денари без утврдена потреба, при што дел од опремата за биохемиски анализи во вредност од 14.000 денари не е ставена во употреба, иако вработените укажале дека таа не е неопходна, стои во соопштението на Државниот завод за ревизија за работењето на Болницата во 2024 година.
Токму со неповолниот извештај и утврдените неправилности беа известени надлежните органи, па на 22 октомври оваа година прилепското основно јавно обвинителство отвори истрага против 32 физички и правни лица, поради сомнение за злоупотреби во постапките за јавни набавки и јавни средства во Општата болница „Борка Талески“. Шест лица се во притвор до 30 дена.
-Истрагата е резултат на наодите утврдени во ревизорскиот извештај на Државниот завод за ревизија, кој укажа на неправилности и можни злоупотреби што подоцна станаа предмет на обвинителска постапка, соопштуваат од Државниот завод за ревизија.
Со ревизијата се утврдени поголем број неправилности во благајничкото работење на Болницата. Не се издадени фискални сметки за здравствени услуги во износ од 4.400 денари, а 5.500 денари примени во готовина не се уплатени на сметката на Болницата, туку се исплатени директно преку благајната, што е спротивно Законот за платежни услуги и платни системи, Средствата во готовина се користеле за исплати на физички лица без договори за дело (4,46 милиони денари), за гориво без доказ за користените возила (449 илјади денари), како и за репрезентација и други расходи без поткрепувачка документација (597 илјади денари). Иако со одлука на Управниот одбор е утврден благајнички максимум од 60 илјади денари, тој не се почитувал, при што во одделни периоди во благајната имало и до 2,3 милиони денари наплатена партиципација.
Државниот завод за ревизија, меѓу другото утврдил нерационално користење на јавните средства при ангажманот на лица по договор на дело, исплата на пари за дежурства на немедицински кадар од 3,1 милион денари, исплатени 1,8 милиони денари за прекувремена работа без почитување на законската процедура, а персоналните досиеја на 34 доктори не содржеле важечки лиценци.
-На 67 правни лица, во 2024 година, Болницата фактурирала по основ на закуп на просторот во вкупен износ од 6,74 милиони денари, при што не е пријавена и платена обврска за ДДВ во износ од 1,21 милион денари, поради тоа што Болницата не ја испочитувала законската обврска да се регистрира за обврската по ДДВ, односно да добие решение за даночен обврзник по основ на ДДВ. Исто така, утврдено е дека сметководствената и материјалната евиденција на средствата не се усогласени, и не е спроведен целосен попис на средствата, обврските и побарувањата, што го отежнува проверувањето на точноста и веродостојноста на финансиските податоци, соопштува Државниот завод за ревизија.
До крајот на 2024 година, болницата имала побарувања во износ од 20,4 милиони денари кои се постари од три години, а за кои не се преземени активности за наплата, се дел од наводите во извештајот на Државниот завод за ревизијам за неправилностите во работењето на прилепската болница во 2024 година.
МИА


