Седумнаесеттата трка од тековната Ф1 сезона ќе се одржи на патеката Јас Марина во Абу Даби, на Блискиот Исток.
Изградбата на автодромот започна во 2007 година, а нешто повеќе од две години подоцна, се одржа првото Гран При во формула 1. Покрај патеката во Бахреин, Јас Марина е втора патека на која се одржува трка на Блискиот Исток.
Возачите на Ф1 со своите болиди ќе минат низ должина од 305.355 километри за време на трката односно 5.5 км од еден круг низ 21 свиок. Ќе се вози во доцните попладневни часови, спротивно од стрелките на часовникот.
Досега во два наврати титулата ’светски Ф1 шампион’ била освоена пред ГранПри-то на Абу Даби освен во 2010 година, кога четири возачи (Ф1 рекорд) се бореа за титулата токму на оваа патека. Алонсо, Фетел, Вебер и Хамилтон имаа подеднаква можност да се закитат со титулата, а Фетел беше тој што го искористи максимумот од патеката.
Од четирите трки одржани овде, три различни возачи го освоиле првото место – Фетел (2009, 2010), Хамилтон (2011) и Раиконен (2012). Само Фетел во 2010 година победи тргнувајќи од пол – позиција. Во 2009 година Фетел победи, а на пол беше Хамилтон. Во 2011 година обратно – Хамилтон победи, Фетел на пол, а во 2012 година возачот на Мерцедес беше на пол кога Раиконен со Лотус ја освои победата.
Со победата во Индија, Фетел се израмни со рекордот на Џим Кларк и Михаел Шумахер победувајќи на шест последователни трки, а доколку победи и во Абу Даби ќе си припише уште еден сопствен рекорд – 11 победи во една сезона.
Само 9 од сегашните 22 возачи учествувале во првото ГранПри на оваа патека, а шест од нив се искачиле на подиумот.
Иако неговиот тим веќе ја освои титулата кај конструкторите, Марк Вебер од Ред Бул сè уште има шанса да го надмине личниот рекорд со освојување 1000 бодови како ф1 возач. Австралиецот ја најави својата ’пензија’ од Ф1 порано годинава, а на уште три трки до крајот на неговата последна сезона на Вебер му фалат уште само 4 бодови за да стигне до 1000.
На три фантастични трки пред крајот на сезоната (Абу Даби, Остин, Сао Паоло) веќе се знае шампионот за 2013 година, но возачите најавуваат интересни битки на патеките.
Трката за Големата Награда на Абу Даби ќе се одржи на патеката Јас Марина на 30 минути оддалеченост од престолнината на Обединетите Арапски Емирати претстојниот викенд (1-3 ноември).


