Фудбалерот на Монако Радамел Фалкао го повреди коленото и со голема веројатност ќе го пропушти Светското првенство во Бразил. Колумбискиот репрезентативец на синоќешниот дуел со четвртолигашот Монт најпрво постигна гол во 29.минута за во 40.минута на носилка да биде изнесен од теренот поради тешка повреда на левото колено. Веќе се појавија информации во француските медиуми дека Колумбиецот ги скинал вкрстените лигаменти, повреда која бара најмалку шест месечна санација, што значи пропуштање на СП.
– Фалкао доби удар од противнички играч во левото колено. Мораме да ги почекаме прегледите. Прогнозите не се охрабрувачки, соопштуваат од Монако.
Фалкао е еден од најдобрите фудбалери на колумбиската репрезентација за која одиграл 51 натпревар и постигнал 20 голови.
]]>


