Феноменологија на апсурдноста

Општествената и политичката криза во која е западната Република Македонија добива немерливи размери. Иако звучи застрашувачки најверојатно сме сеуште многу далеку од дното. Во овој период на сеграѓанска напнатост и неизвесност неколку феномени произлезени од децениското владеење на груевизмот непрекинато не лансираат во состојба на параноично бунило и хронична неверица.

Прв феномен и апсурд во денешна Македонија претставува ГДОМ. Граѓанското движење за одбрана на Македонија и неговите апостоли се верна сенка на секој граѓанин кој што му пркоси на режимот и кој што се бори за правда и слобода. Денес доколку се лиферува информација дека ќе има протест против владеењето и криминалот на режимот во село Казандол (мало населено место во Валандово), инстантно и фуриозно и апостолите на ГДОМ ќе го најават своето присуство во Казандол. Тие се наводно многу загрижени поради боењето на спомениците и од “дивеењето” на хулиганите, вандалите и дивите орди на Сорос и СДСМ, но воопшто не се загрижени за криминалните дејанија на оние коишто ги бранат, не се загрижени за ужасните состојби во здравството и образованието, не се загрижени поради тоа што правниот систем и институциите не функционираат во полза на граѓаните и за уште мал милион системски сквернавења од страна на режимот. Лицемерие од вселенски размери!

Вториот феномен е “народот” кој што го користи ГДОМ при своите смотри и сеанси, а тоа во најголема мера се заведените партиски војници вработени во јавната и локалната администрација, како и пасионираните “патриоти” кои чезнеат Солун да им биде главен град. Во деновите кога контрапротестантите треба да демонстрираат голема масовност се стопираат многу железнички и автобуски редовни линии, се откажуваат многу претходно закажани здравствени прегледи, немалку од просветните работници наместо дневници во рацете ги држат оние несреќни режимски флаери, а доста и од административците остануваат пократки за едно кафе поради тоа што мораат да заминат порано од работа. Но, сепак сите заедно се побогати за еден фамозен сендвич. На сеансите егзалтирано се играат ора и се виорат знамиња. Урнебесно!

Делуваат многу конфузно и надреално, но во суштина целиот овој циркус претставува врв на континуираното системско разградување, врв на моралната ерозија на личноста и врв на општественото вредносно фијаско. Денес, децениското сеење на страв, аматеризам, неправда, криминал и подпросечност свети во својот полн сјај.

Третиот и најфеноменален феномен се режимските политичари. Нив можеби режимските апологети и полтрони ги доживуваат како Божји благослов бидејќи така и ги презентираат, но за сите останати тие претставуваат кошмарен сон, мистерија и најсурова казна. Во моменти кога Македонија е поделена до состојба на финална кулминација, емотивниот ни Претседател носи одлуки кои не може да ги демистифицира и објасни никој жив освен спектакуларните гдомовци, а чудотворниот ни Премиер најавува вртоглав економски прогрес преку развој на краварството. Со што ли само ги заслуживме?!

СЈО со секоја нова прес-конферениција се повеќе ја потврдува нивната коренита фузија со корупцијата, криминалот и злоупотребите на службената положба. Тоа сеуште не допира до голем дел од граѓанството поради тоа што грдата пропаганда и институционалната доминација и понатаму успешно ја менаџира режимскиот центар.

Борбата за правда и слобода ќе продолжи, но нема да биде нималку лесна и експресна. Децениското пенетрирање и контаминација во секоја пора на општеството не може да биде елиминирано преку ноќ. Допрва ќе бидеме сведоци на ужасните последици од режимската узурпација на системот.

Сепак, останува вербата дека се повеќе граѓани постепено ќе се ослободуваат од ланците, дека ќе ги заинтересира политика и дека ќе ни се придружат. Бидејќи, да не заборавиме на исклучителните зборови на Мартин Нимулер: “Прво дојдоа по комунистите, јас не се бунев бидејќи не бев комунист; потоа дојдоа по Евреите, јас пак не се бунев бидејќи не бев Евреин; потоа дојдоа по синдикалците, и повторно не се бунев бидејќи не бев ни тоа, но на крај дојдоа по мене и немаше никој да застане во моја одбрана”. Останува и надежта дека сите заедно ќе изградиме слободно, праведно и демократско општество во кое сите ќе се чувствуваат еднакви, недискриминирани и непотчинети!

Пишува: Перо Костадинов

Најнови вести

Најново од Ракурс, Ударни вести

Најчитани вести