Разговор со Зоран Бојаровски
Во најновиот, број 12, на списанието, заедно со Сашо Орданоски го потпишувате воведникот во кој велите: „Сега, можеби повеќе од било кога, е време да продолжиме со „Форум Аналитика“. Зошто? Зошто е сега вистинско време за едно вакво списание за критика на времето?
За да одговорам на ова прашање, јас ќе тргнам од темите на претходните броеви на ова списание, објавени во перидот од 1997 до 2007 година, кога го објавивме единаесеттиот број, после кој настана една подолга пауза и после која, еве, пред нас е бројот 12 и, се надевам, број кој ќе претставува точка на континуитет во публикувањето на едно вакво списание.
Навистина, зошто? Како што реков, обрнете внимание на претходните теми: Изборните модели и граѓанската демократија, статусот и развојот на граѓанското општество, националното помирување, Коридорот 8, македонската надворешна политика, македонските перспективи во НАТО, популизмот, аспектите на мултикултурализмот, Косово и перспективите на регионот. Можам да тврдам дека ниту една од овие прашања со кои се занимававме како редакција на списанието, и Форум – Центарот за стратегиски истражувања и документација, како издавач, до ден денеска не е затворено.
Луѓето околу „Форум Аналитика“ не претендираат дека во своите изданија соопштувале сеопфатни и конечни решенија на овие прашања, но сметале дека тие, тогаш кога биле обработувани, овие теми биле од особено значење за моментот и за идниот развој на македонското општество. На овие наведени теми, беа поканувани авори кои имаат што да кажат, беа организирани настани како конференции, тркалезни маси и други јавни настапим за да им се даде јавност и да се сврти вниманието на нив од страна на оние во чии раце беше моќта да се донесат креативни решенија за нив. За благостостојбата на општеството, за доброто на граѓаните. Бездруго освен иницијативите на Форум групацијата, имало и други организации и личности кои укажуваа на истите или на други, исто така важни теми.
За жал, се случи тие прашања да не добијат вистински одговор. Тоа, делумно, но во голема мерка, е резултат на тој чуден, апсурден анимозитет, нетрпеливост на реалната политика кон мислечките луѓе кои имаат што да кажат и тоа го кажуваат на еден разложен, разумен начин со една методологија и систем кој ние го „пакувавме“ во содржина меѓу две корици на „Форум Аналитика“.
Тоа се тие два света кои се или паралелни или се судираат, но од тој судир нема резултат. Проблемите постојат за да се рашаваат. Ако некој има решение за тој проблем зошто да не се прифати, зошто да не му се даде глас… Ако проблемот не се решава, тој останува како некој монолит кој се исправа пред граѓаните и пред општеството. Но, тој е тука и не можете да го заобиколите.
Затоа денеска ние сѐ уште говориме, меѓу другите, за истите теми за кои некогаш се пишуваше во ова списание. Бидејки ништо не се промени на подобро, ние велиме сега, можеби повеќе од било кога, е време да продолжиме со „Форум Аналитика“.
Можете ли да издвоите нешто од тие теми што ќе ја потврди оваа ваша дијагноза и како во однос на тоа е позиционирана темата „Протести“ во последниот број?
Па еве, да ја земеме темата за Коридорот 8. Тематскиот број посветен наова исклучително важно, стратегиско инфраструктурно прашање послужи како еден од најцитираните ресурси за многу студии, конференции и фисибилити студии кои беа правени за коридорот исток-запад во многу европски развојни центри и особено во неколку иницијативи во регионот. Повторно ќе речам: Содржините во „Форум Аналитика“ не се студии со извршна димензија. Далеку дека се тоа готови насоки и планови за тоа што и како треба да се направи. Но, затоа се сериозни анализи, темелни промислувања на темите на кои во еден момент е проценето дека треба да има се стават пред очите на креаторите на политиките.
Да се вратам на мојот пример: Коридорот 8 и денеска, после 10 години е само бледа сенка, наслутување на она што треба да биде овој проект.
Во таа смисла е и тематскио комплекс на најновиот број: граѓанските протести. Меѓу авторите превладуваат оние кои разбираат што е граѓанскиот активизам, можеби и затоа што својот интелектуален и политички ангажман знаеја да го изразат и на самата улица, во густите редови на македонските граѓански протести. Се разбира, изборот на нашите автори не претендира да биде сеопфатен пресек на она што го претставуваше будењето на општествените движења во Македонија, но се надеваме дека се доволен поттик за натамошни обмислувања и вреднувања на граѓанскиот ангажман, сега и овде.
„Форум Аналитика“ навистина изгледа убаво и ја продолжува сопствената традиција дека секое издание е колекционерски примерок, но зошто печатено издание во дигиталната ера?
Денес луѓето се научија да добиваат преџвакани, дигестирани, содржини. Зипувани, да го искористам речникот на дигиталната ера. Мораме да бидеме искрени и чесно да си признаеме дека некои прашања и теми не можат да бидат целосно и сеопфатно, мислечки обработено во инстант пакети. Претседателот на Издавачкиот совет на „Форум Аналитика“, господинот Ѓунер Исмаил, на промоцијата рече дека обмислувањето на современите феномени не можете да го сместите во твитер порака од 140 карактери. Таквите пораки и досетки имаат една друга цел. Без никакво потценување. Но, „Форум Аналитика“ смета дека содржините што ги објавува меѓу своите корици заслужуваат соодветно достоинство кое произлегува од авторите и од вложениот труд во нив. Затоа печатено издание.
Сепак, тоа не значи дека ние нема да ги користиме придобивките на дигиталната ера. Во исто време со објавувањето на печатеното издание на бројот 12 на списанието, ние го активиравме и интенет порталот за критика на времето „Форум Аналитика“, www.forum.org.mk
На порталот гледаме како на мултимедијален „носач“ на нашите идеи, иницијативи и промислувања за актуелниот момент на македонското општество и на улогата на граѓаните во него. Се разбира, сега не има и на социјалните мрежи, но повторно да напоменам: Тие нам ни служат само за да ги загатнеме темите, за потоа да ги поканиме нашите читатели на порталот или на печатеното издание за да навлезат малку подлабоко во одговорите на загатнатите теми.


