(ФОТО) 960 килограми злато, златен коњ, златни шипки, пари и еден вампир… Приказната за селото од кое излегоа многу златни приказни

Сигурно слушнавте дека во едно кочанско село, Жиганци, каде што додека се гради новиот пат помеѓу Штип и Кочани пред десетина дена беа пронајдени околу 960 килограми злато, сместено во три дрвени ковчези, а во вид на златници, шипки и ланчиња, но никој не знае кој го зел, каде точно го нашле и што е најважно, дали има и уште. Селаните слушнале на телевизија, на телевизија тврдат селаните раскажуваат…
Три села неполн месец ги тресе златната треска и се прераскажува:
Овој ги зел, оној ги зел… ваму ги нашле, таму ги нашле. Полиција дошла го однела…

Фото: Откриените остатоци од старата црква

Точната локација на пронајденото злато е меѓу Жиганци, Чешиново и Уларци, место викано Горица, блиску до ридот што селаните од Жиганци го викаат Богатинци. На пронаоѓањето на златото му претходеше базилика, наводно од времето на Кирил и Методој, и се претпоставува дека од овде тие ја прошириле словенската писменост. Кон оваа новооткриена базилика во моментот се стига преку селото Жиганци, кое се наоѓа на интрересна локација, подеднакво одалечено од трите града Штип, Кочани и Пробиштип.

Селаните од ова село во моментот во голем дел се иселени, претежно по најблиските градови, или во Скопје. Мал дел има и во странство. Повозрасните се враќаат да ги обработуваат нивите, помладите поретко. Оние што сепак останале да живеат овде, живеат од земјоделие, работат, или се пензионери.
Училиштето во ова село е затворено од пред неколку години. Неколкуте деца што треба да одат на училиште одат во соседното село. Типична приказна за македонските села, но одвреме навреме знае да изненади со некоја ударна вест.

Фото: Откриената базилика

Но, да видиме како почнало сè.

Приказната како настанало ова село, е многу интересна, всушност постојат две.

Едната е со фантастична содржина, другата со реалистична.

Кога чумата ги косела сите села во околината и дошло на ред ова село, имало еден Живко кој ја чекал дома да дојде и да ја убие. Тоа била всушност некоја жена која одела со грне во рацете, а во грнето имало некоја смеса со која ги обележувала луѓето. Како ќе ги бележи, така тие се разболувале и умирале.

Чумата дошла и во куќата на Живко, кој останал последен од својата фамилија и во ова село и му влегла внатре. Тој седел кај оганот и ја замоли ако сака да му донесе дрва однадвор да го запали оганот да се стопли прво, бидејќи тој не можел да се движи, па потоа што сакала нека правела.

Чумата ја послушала последната желба на Живко, не ѝ се брзало, ова било последно село од овој крај, а и самата сакала да се стопли. Па кога донела дрва отишла кај оганот и го запалила. Тогаш Живко влечејќи се на раце го зел гренто и мавнал по неа. Додека да се освести од ударот Живко ја турнал во оганот и ја запалил.

Така се спасил тој и по него селото прво го нарекле Живјанци, а потоа Жиганци. Колку ова е вистина не се знае, но се знае дека навистина селото порано било на ридот Богатинци, но поради болест (чума) морало да се премести и селаните се преселиле подолу покрај реката.

Другата приказна е дека на ова место цела околија ги доведувала своите говеда, волови и останата стока да биде жигосувана. Па така местото го завикале Жиганци, од жиг.

Како било што било не се знае точно а и нема каде да се прочита, освен ако сте навистина љубопитни и појдете во селото па прашате некој постар жител.  Но, во поново време, во поранешна Југославија се зборува дека овде на ова место откопале златен коњ, во природна големина.

Тоа се случило на местото викано Тулинска црква, или Свети Спас.

Фото: Тулинска црква

Велат дека селаните не можеле да „кренат жива глава од болести“ се додека не ѝ направиле чест на оваа црква. Селото и ден денес го празнува Спасовден. Но, црквата не е посетена воопшто. Напротив, забрането е да се оди таму, затоа што кој ќе погледнел внатре ќе ослепел. Станува збор за место кое се уште не е доволно истражено. Наводно потекнува од римско време, но во моментот е само рушевини.

-Како дете татко ми ми забрануваше да видам што има таму, затоа што тој што ќе видел ќе ослепел. Еднаш видов штрк како стои на ѕидот и се прашував ако не ослепи тој, сигуно нема ни јас. Отидов и видов, немаше ништо. Веројатно поради небезбедност и можноста да се пропадне ги лажеа децата да не одат, вели една жителка на селото.

За златниот коњ кој бил откопан овде, постарите тврдат дека во поранешна Југославија дошла цела војска и научници за наводно да го истражуваат местото. Еден ден наеднаш ги снемало сите, а во црквата останала само една голема и длабока празна дупка. Не ја ни затрупале на одење затоа што брзале да го однесат златниот коњ кој го откопале овде.

Дали е вистина или не е, никој не знае, но се уште се живи оние што раскажуваат, а тогаш биле само деца.

Ова село се прослави и по приказната за вампир кој демнеше во селото. Приказната стана ударна вест на А1 телевизија во 2001 година. Во тој период само што ќе се стемни сите бегаа дома да не ги фати вампирот и излегуваа по пеењето на првите петли.

Интересно е што вампирот полицијата го фати. По објавувањето на веста, ситуацијата беше сфатена сериозно и органите на редот фатија локален жител кој решил да се забавува со селаните оти биле прости, а тој само што се вратил од странство.

И сега најновата приказна е со три ковчези злато кои наводно ги оставиле Германците на бегање кога завршила Втората светска војна. Интересно што овде окупатори биле Србите и Бугарите. Реката Злетовица им била границата. Се случувало од едно семејство двајца браќа да војуват за две војски, присилно се разбира, бидејќи оние што не сакале ги убивале на лице место.

Но, дали навистина имало злато или не, и кои се тие Германци што го оставиле, никој не знае оти никој не ги ни видел.

Другата приказна е дека златото е турско, од Турците на бегање, или пак Римско. А пак Римјаните како го оставиле, не е важно. Важно е дека има и дека сите го бараат.

Вработените што работат на патот, велат дека се откриени неколку камења и е оставено да дојдат надлежни служби да видат што е работата.

-Немаше злато, тоа е само пропаганда, одговори шефот на проектот на прашањето каде е откриено златото.

-Најдовме неколку камења и тие стојат. Местото е обележано и ние чекаме.

Но, неговиот одговор не ги смирува селаните. Тие секој ден одат да видат, а за нивата чиј сопственик ја продал на државата заради патот, велат дека секој ден е пијан откако го пронашле златото, а кој е тој точно не знаат.

 

Факт е дека овде дефинитивно има злато, „бело злато“, во оризовите полиња кои го одземаат здивот секоја година кога се сеат, жнеат… и се главната тема на разговор, особено кога станува збор за продажна цена на оризот.

А вистинско злато?! Не се знае, таа приказна се уште не е довршена. Но, ако навистина овде започнала словенската писменост, тогаш… златото навистина постои. Треба само да го видиме. Тоа што го откопале, вреди максимално околу 30 милиони евра, но, приказната е непроценлива.

aneta_vasileva_mala_slika

Анета Тасова

]]>

Најнови вести

Најново од Македонија, Ракурс