Се воспостави гарантниот фонд со кој земјоделците полесно ќе земаат кредити од комерцијалните банки. За да одобрат кредити банките бараат хипотека, но вредноста на површините и објектите со кои располагаат земјоделците и стопанствениците од руралните средини не се доволна гаранција. Со потпишаниот договор помеѓу земјава и УСАИД се обезбедени средства со кои фондот ќе им гарнтира за 50 отсто од висината на земените кредити до 200 000 евра а над 500 000 евра 40 % од потребната гаранција за банката.
– Преку овој гарантен фонд земјоделците и корисниците на ИПАРД кои ќе побараат кредити од Комерцијална банка, Халк банка, Прокредит банка или Стопанска банка – Битола потребно е да достават обезбедување, односно гаранција само за 50 отсто од висината на побараниот кредит, додека останатите 50 проценти ќе ги гарантира овој фонд, рече министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство Михаил Цветков по потпишувањето на договорот.
Меѓудругото министерот истакна дека се прават напори државата да субвенционира 50 % од каматите на земените кредити од страна на земјоделците. Каматите сега се движат од 4 до 8 отсто, а со субвенционирањето каматата би била од 2 до максимум 4 %.
Директорот на мисијата на УСАИД во Македонија истакна дека со овој гарантен механизам ќе се забрза развојот на земјоделството во земјава и ќе се обезбеди поголем просперитет на домаќинствата во руралните средини.
Тонско Џејмс Стајн Директор на мисијата на УСАИД во Македонија
Гарантниот фонд ќе функционира во наредните 10 години и преку него ќе се пласираат кредити во висина од 20 милиони долари.


