„Ова е состојба која мора да се реши. Јас како жител на општината се обврзувам и имам конкретен план како да обезбедам загарантирани резидентни паркинг места и целосно нови паркинзи на најпроблематичните места како во Дебар маало. Конкретно пред министерството пред одбрана се планира катна гаража која ќе ги ослободи тротоарите од возила. Нови паркинзи се планираат и во Буњаковец и Капиштец“, вели Герасимовски.

Урбанизацијата во Центар е исто така голем предизвик за решавање, потенцира Герасимовски. Тој вели дека ќе продолжи да ја води битката за намалување на градбите, габаритот на зградите и зачувување на зеленилото.
„Центар е доста густ со нови градби токму затоа и беше поставен мораториумот како заштита од нови градби кои се спротивни на ГУП-от. Постапката за ДУП-овите кои не се донесоа мора да се заврши и тие да се сменат. Мој приоритет е брзо и ефикасно да се донесат. Со ревизијата на деветте ДУП-ови наместо бетон, обезбедивме нови 14.000 м2 зеленило и јавен простор. Со ревидирање на преостанатите ДУП-ови, ќе обезбедиме дополнително нов јавен простор и ново зеленило. Понатаму, ветувам, продлабочување на соработката со стручната фела во делот на урбанистичко планирање и оформување на општински тела во делот на екологијата. Ќе направиме конечно наш општински регистар на дрвниот фонд и зеленило“, вели Герасимовски.
]]>


