Новак Ѓоковиќ ќе има можност да ја брани титулата освоена минатата година на Мастерсот во Лондон. Тој синоќа во второто полуфинале во „О2 Арената“ го победи Станислас Вавринка со 2:0 во сетови (6:3 и 6:3 во гемови).
Само на почетокот на мечот Вавринка успеа да направи брејк, но тоа не го исфрли од ритам фаворитот Ѓоковиќ. За српскиот тенисер ова беше 21 победа во серија. Последниот загубен меч го има на 9 септември во финалето на УС Опен од Рафаел Надал.
Токму Надал ќе биде неговиот ривал во вечерашното финале (почеток 21 часот) откако во полуфиналето беше поуспешен од Рожер Федерер со 7:5 и 6:3 во сетови.
За Ѓоковиќ ова е трето финале на завршните Мастерс турнири, а победи на претходните две (2008 година во Шангај – Николај Давиденко и 2012 во Лондон – Федерер).
Надал по вторпат ќе игра во финалето, а првото во 2010 година го загуби од Федерер.


