Гонзалес: Вардар има квалитет, проблем се многуте повредени играчи

Новиот тренер на македонскиот ракометен шампион Вардар, Раул Гонзалес Гутиерез, по првите одржани тренинзи излезе со оценка дека екипата има квалитет рамноправно да се натпреварува со било кој противник во елитното клупско натпреварување.

– Од неколкуте тренинзи што ги имавме, можам да заклучам дека екипата има многу добри играчи, кои пред се имаат одлична висина. Тоа се ракометари кои може да се спротистават на било која екипа во Лигата на шампионите, и единствен недостаток засега, е големиот број на повредени играчи на бековските позиции. Но, ќе мора да најдеме начин да го надополниме тој недостаток, стои во изјавата на Раул на официјалната веб страна на РК Вардар.

Шпанецот најавува мали промени во играта, како во одбраната, така и во нападот.

– Мислам дека ќе има некои промени во двата правци, ќе го промениме стилот на игра, меѓутоа за тоа е потребно малку време, и затоа ќе работиме чекор по чекор. Сега засега немаме конкретно решение на позицијата лев бек, бидејќи Лазаров е повреден, а Растворцев нема да настапи до крајот на сезоната. Се надевам дека Лазаров ќе се врати многу брзо, и ќе се приклучи на екипата во најважниот дел од сезоната, додава Раул.

Вардар утре против Веспрем ќе го игра првиот натпревар под водство на новиот тренер.

– Овој натпревар ќе биде одличен тест, да видиме колкави се нашите можности, против една од најдобрите европски екипи. На овој меч ќе настапиме без неколку стандардни играчи, така што резултатот не ни е во преден план, туку проверка на можностите. Сепак, Вардар е екипа која секогаш оди на победа, така што и на овој меч, иако е пријателски ќе се обидеме да стигнеме до позитивен резултат, заврши новиот тренер на Вардар.

]]>

Најчитани вести