Гордан Георгиев: Нема правда ИМА мир?

 

Силината на (не)очекуваниот потег на Груевски повторно ни ги помати главите и не’ остави во тешка ноќна меланхолична состојба. Како кај многумина да доминира чувството дека НЕМА правда, ама зошто е толку мирно?
И надвор од шпекулациите дека ДУИ им свртела грб на Американците, дека ова е вовед во поширок договор и создавање на широка коалициона влада, дека СДСМ е превеслана итн итн. Мене тоа во моментов не ме интересира ама воопшто (ќе ме интересира подоцна, секако!). А не ме интересира бидејќи СЕГА тоа не е од витално значење за процесот и главната цел.
А главната цел, драги пријатели, е заминување од власта на Груевски и на Ахмети т.е. само на Груевски бидејќи Ахмети веќе станува “Ali Who!?!??!“
Ниту едно од официјалните барањата на Шарената револуција не е поважно од она неискажаното или премолчено барање: заминувањето или детронизацијата на Груевски! Бидејќи сите тие претходни барања стануваат апорични во ситуација кога го имаме Груевски “alive & kicking“ на преговарачката маса и воопшто на политичката сцена. Ова го повторувам по илјада пати секаде кадешто имам начин да влијаам. Ова странците се’ уште не го разбираат! Но граѓаните кои протестираат и оние кои не протестираат а декларативно се согласуваат со Протестирам мора да го разберат час поскоро. А “часот поскоро“ е попладнево, денес, утре, задутре…и толку.

Еве четири конкретни предлози:
1. СЈО. Јас разбирам дека од тактички причини СЈО е тивко изминатиов период, но да не заборавиме дека нашата смисла во протестите ја црпевме и фактички и симболично преку активностите на СЈО. Во состојбата во која сме доведени, кадешто навидум се распаѓаат сите надежи за нормализација, СЈО мора уште денес да продолжи да “пука“ со најголема ревносност и жестина. Аболицијата е безпредметна овде, бидејќи таа секако ќе се решава со политички ретроактивни а не со правни средства.
2. Граѓаните. Масовност и жестина е најпотребна во овој момент. Сега треба да ги ставиме на тест сите наши пријатели и познаници, но не со “првоборска поза“ туку да им подадеме рака достоинствено да го преминат мостот. Бидејќи утре може да биде доцна. Да им кажеме дека ќе горат во пеколот исто како што и ние ќе гориме, ама да им потенцираме дека секако и тие ќе горат, од едната или другата клада.
3. Албанците и албанските партии. Малкумина видоа, малкумина разбраа, но главната теза на ДУИ (Џевад Адеми) на вчерашната собраниска седница беше отприлика вака “Ние, ДУИ, веќе се сомневаме во капацитетот на политичка елита од македонскиот блок и затоа почнуваме да размислуваме на други алтернативи и други сценарија…“. Доколку граѓаните Албанци не се мобилизираат во поголем обем (секоја чест на малкутемина светли исклучоци), Македонците ќе почнат да се сомневаат дека или се согласуваат со тезите и политиките на ДУИ или едноставно немаат политички сенс за сериозноста на моментот. Дека треба да сфатат дека и тие ќе горат, од едната или другата клада.
4. Странскиот фактор. Кога ќе влезат во синергија претходните три фактори, странскиот фактор ќе биде соголен пред единствената одлука која му претстои: да си ги само-признае низата грешки и погрешни проценки во врска со ликот и делото на Груевски и да го направи финалниот удар за негова детронизација и заминување од политичката сцена.

Нема правда, нема мир!

Денес, сите пред СЈО, и секој проклет ден потоа…

Фејсбук статус на Гордан Георгиев

Најнови вести

Најново од Ракурс