Груевски и кравите

Пародијата во која главен глумец беше поранешниот премиер на таканаречената земјоделска влада, Никола Груевски и крупниот добиток на фармерот од Пуста Брезница, имаше познато сценарио но изгледа (конечно) публиката покажа повисоки критериуми.

Замислата на пи-ар службата на Груевски, како и во изминативе 10 години кога се шеташе по ниви и фарми со шешир на глава,  беше да  го прикаже близок  на фармерите но и познавач на состојбите, имајќи предвид дека оваа влада го зема ексклузивитетот  на „заштитник“ на земјоделците.

Но мукањето на кравите, кокошката што се шета, новинарите со затнат нос и  подадените микрофони на владините медиуми, потоа, збунетиот поглед  на сточарот и очигледната нелагодност  на заменик министерот,  беше претставата која ја виде македонската јавност.

Да се разбереме, Груевски и до сега сите реклами што ги прави за аграрот  не се наменети за земјоделците , тие точно знаат каква е состојбата во аграрот, рекламите се за граѓаните да видат колку тоа владата се грижи за аземјоделството и да не им веруваат на производителите кога се жалат на реалните состојби.

Сточарите точно знаат колку им се празни фармите и џебовите благодарение на погрешните аграрни политики на владата на Груевски. Нивната состојба ја   бележи и статистиката.

Во последниве 10 години, според официјалните статистички податоци имаме намалување на добиточниот фонд  и тоа: говеда за -13.823 грла, свињи за -2.063 грла, овци за – 508.344 грла, коњи за -21.182  грла ( скоро 50%), живина за -645.448 грла.

Исто така имаме и намалување на домашното млекопроизводство  за 30% а сточарите од терен велат дека половина од фармите се празни, а производството на млеко е преполовено.

Причината за ваквата  поразителна состојба во сточарството е резултат на нерентабилното производство на сточарите поради скапата добиточна храна, немањето земја за обработка, ниската откупна цена на млекото од  15 денари за литар и неисплатените (ниски)  субвенции за млеко и грло добиток по неколку месеци, да не речам, години.

Но сточарите, за жал го паметат и најголемиот криминал на Груевски со пропадната млекарница „Свед Милк“,  криминал кој некои  сточари го  платија со живот.  Сточари кои не издржаа од мака. Катанци на фарми, кредити, хипотеки на куќи и пропаднати илјадници евра, беше судбината која ги снајде 5000 кооперанти излажани од Груевски.

Сликата за македонското сточарство со „заштитникот“ на земјоделците Груевски, нема да биде комплетна ако не ги спомнеме и 20 000 крави на Субрата Рој. Ова воедно е најголемото понижување на граѓаните на Република Македонија за изборни цели и директно влијание врз зголемениот увоз на храна кој е достигна 700 милиони евра. Пет години 5000 хектари од АК Џумајлија останаа необработени, а земјоделците молеа за парче земја.

После ваквата состојба на  македонскиот аграр, јасно е зошто Груевски излезе смешен додека ги читаше силните бројки за препород на сточарството преку зголемена лактација и високо млечни крави.

Таква мерка може да даде ефект само доколку се исполнети и другите услови, а тоа се повисоки и редовни субвенции за сточарите, зелена нафта, земја на која  ќе произведуваат добиточна храна  со системи за наводнување и сигурен откуп на млекото. И најважно заштита од  државата за да се почитуваат договорите за откуп од страна на млекарниците.

Со вакво сценарио нема потреба од глума.

 

Ленче Николовска

Најнови вести

Најново од Агро Бриф, Ударни вести

Најчитани вести