И Србија има свој Чичко Драги: Ќе лежи во затвор затоа што им помагал на кучињата скитници

– Невработен сум и немам од каде да платам 2.500 динари, па избрав да лежам три дена во затвор, вели Ненад Кулиќ, кој е казнет затоа што им помагал на кучињата скитници.

Иако судијата му изрекол минимална казна, сепак Кулиќ вели дека нема пари да ја плати, па затоа ќе лежи во заатвор.

– Многу сум лут, бидејќи во некоја друга средина, би бил пофален, можеби дури и награден за мојата хуманост. А овде ме казнуваат затоа што згрижив неколку повредени кучиња скитници, буквално одвојувајќи од својата уста за да ги прехранам, вели тој.

Кулиќ вели дека проблемите започнале на почетокот на јули годинава, кога во неговиот дом во Зрењанин дошол комунален инспектор на пријава на соседите. Инспекторот тогаш констатирал дека Кулиќ, покрај своите три кучиња, чува уште две кучиња – скитници. Тоа било доволно за прекршочна пријава, бидејќи според прописите во Зрењанин дозволено е да се чуваат најмногу три кучиња. Покрај тоа, местото каде што се чуваат кучињата треба да биде одалечено најмалку 20 метри од живеалиштето на соседите.

– Не можам да направам ништо, но оваа казна нема да ме спречи да продолжам да им помагам на повредените животни, нешто што го правев сите овие години, вели Кулиќ.

Тој вели дека засега, никој не го поддржал во неговата борба за овој судски спор, освен Моника Брукнер од Друштвото за заштита на животните со која интензивно соработуваат.

Дека тој нема да се откаже од помагањето на животните, сведочи и фактот што медиумите вчера го затекле во ветеринарната клиника, каде што донел повредена мачка, на која ветеринарите ѝ ја ампутирале десната нога.

– И оваа мачка никој нема да ја прифати поради нејзиниот хендикеп и таа сигурно ќе остане во нашето домаќинство – вели Ненад, кој тврди дека ќе продолжи со својата хумана работа, иако во неговото трочлено семејство не работи ниту тој, ниту сопругата.

Најнови вести

Најново од Балкан, Топ Вести

Најчитани вести