Ин мемориам – Предраг Гашовиќ: Два удара ми го сменија животот од корен

Ситен човек, се движи бавно и криви со едната нога. Изгледа постаро од годините што ги има. Животот си поиграл со него и тоа се чита на неговото лице.
Продавачите на „Лице в лице“ го знаат како нивни највозрасен колега. Секогаш е со насмевка на лицето, но не е голем муабетчија.
Чичко Драги, како што го викаат, вели дека животот му бил сосема поинаков до пред четири години, кога доживеал срцев и мозочен удар, по што останал без работа, без социјално осигурување и без покрив над главата.
-Тогаш сè почна да пропаѓа. Целиот живот ми се уништи. Кога останав без сè, никој веќе не се грижеше за мене, ниту моето семејство. Но, не обвинувам никого – вели тој.
Тој е вклучен во програмата на активистичкото списание преку Црвениот крст на град Скопје, кој, пак, го има лоцирано како бездомник и човек на кој му е неопходна помош.
Раскажува тивко и тешко. Често го вади капчето, се забришува, како да работи некоја физичка работа, и ја рамни работната униформа со логото на „Лице в лице“. Не знаеме што сè му донел животот, па го прашуваме да ни каже нешто за себе.
-Ништо нема за мене. Сам човек, без работа и без дом. Што да ти кажам друго – вели тој и се насмевнува, како да му е сеедно.
Но, не му е сеедно. Вели дека има семејство, сопруга и четири деца, кои живеат во Србија. Имал недоразбирања со нив, но, како што вели, кој не се судрил со недоразбирања во животот. Имало и караници, лоши зборови, но „и тоа го има секаде“.
– Децата не живеат со мене, а никогаш не ни живееле. Цел живот се со мајка им. Јас додека работев, се трудев колку можам да им помагам, а и ги посетував секој месец. Сега имам пасош, биометриски, можам да појдам да ги видам, ама ете, не одам – вели тој и не остава простор да го прашаме како дошло до тоа.
predrag1
Вели дека го живее секој ден само колку за да преживее, да има што да јаде и понекогаш да се чуе со неговите деца што живеат во Србија. Тоа му е доволно, да ги слушне и да знае дека им е добро.
– Стар сум веќе за да почнувам да правам нешто друго. Роден сум на Митровден, па така си го паметам роденденот. Всушност, не сум ги заборавил ниту родендените на моите четири деца, Анита, Маја, Даниел и Ненад – вели Драги.
Раскажува дека најмногу контактира со најмалата ќерка, Анита, која има 17 години.  Рече дека последен пат се слушнал со неа пред три месеци, таа му кажала дека планира да се запише на факултет, но и дека постарата ќерка, Маја, се свршила.
-Нека ѝ е со среќа, не знам што друго да ѝ кажам. Цел живот трчав, се трудев да им помогнам, да им обезбедам убав живот, но ете, два удара и толку. Лоши работи – вели Предраг.
Додава дека често нема да јаде за да собере пари со цел да го дополни кредитот на мобилниот и да им се јави на децата во Србија.
– Кога имам, си плаќам и им вртам. Четириесет денари минута. Често знам и да им титнам, но тие не ми се јавуваат. Скапотија е и за нив – вели тој.
Предраг раскажува дека работел на капија во стара „Електродистрибуција“ и во „Металски завод – Тито“, живеел во станот на неговиот татко, кој бил полицаец, а на почетокот на бракот, жена му живеела со него.
– Нормално си живеев, се оженив, но тогаш сопругата не сакаше да остане овде бидејќи си беше навикната на животот во Србија. Јас имав работа овде, па морав да останам, а таа се врати дома. Често патував натаму-наваму и добро ми беше – вели тој.
Објаснува дека брат му го наследил станот, а и го откупил, па така тој останал на улица.

Предраг фотографиран со 4. број на „Лице в лице“, во кој е објавен текстот за него

predrag2

Сега, „Лице в лице“ му е единствената утеха за да преживее.
-Секој ден по 10 часот доаѓам на влезот на ГТЦ. Таму сум секој ден, често продавам сам. Ги знам сите други продавачи, помлади се од мене, па и поуспешни – вели Драги.
Тој ги носи списанијата во пластична кеса, убаво сложени и спакувани, за да не му се извалкаат или извиткаат.
– Сега сум почесто на улица, па ме пресретнуваат луѓе што ги знам, со кои сум се дружел. Кога ќе ме видат, веднаш вртат глава, и јас не им се обраќам, си молчам –  вели Предраг, овој пат без насмевка.
Завршил средно електричарско училиште, а и курс за пожарникари. Вели дека бил и крводарител, а порано многу често одел во обложилница, каде што имал и многу познајници.
– Сега сите ме заборавија, сите. Ми се одмили сè, па си се научив да бидам сам и ми пречи кога морам да зборувам за себе. Не сакам да зборувам, не сакам да ме прашуваат – вели Предраг.
Вели дека не го чита списанието затоа што не се заинтересирал многу, важно му е да го продава. Не го интересира ниту политика, ниту што имаат да кажат медиумите.
– Со „Лице в лице“ имам некоја сигурност, ако продадам ќе си купам нешто за јадење, ако не, ќе немам. Не пијам, но ако начекам цигара, знам да запалам – вели тој.
Со помош на волонтерката на Црвен крст, Драгана, се обидува да добие социјална помош, таа му помага да ги извади сите потребни документи.
Со неа и го оставивме – разговорот со оваа девојка секогаш му носи насмевка на лицето. Довербата се градела со месеци, а добриот збор и малото внимание за него се цело богатство.

Предраг се најде и на постер од Меѓународната недела на продавачи на уличен печат

Текст: Маја Неделковска
Фотографии: Елена Димитриевска и „Лице в лице“

(текстот е објавен во 4. број на „Лице в лице“ од април-мај 2013 година)

predrag3

Чичко Драги, највозрасниот продавач на нашето улично списание „Лице в лице“, почина на 63 годишна возраст.
Тој беше еден од најупорните продавачи на списанието, вклучен во програмата на „Лице в лице“ преку Црвениот Крст. Чичко Драги беше бездомник, а во кецелата на магазинот беше од февруари 2013-та година.
Тивок и ненаметлив, негово постојано место на работа и продажба на „Лице в лице“, беше влезот на ГТЦ кај „Соравија“. Многумина токму од него си го набавуваа својот примерок.
Нека почива во мир!
Предраг Гашовиќ 1952 – 2015

Извор: Лице в лице

Најнови вести

Најново од Ракурс

Најчитани вести