Речиси 100 дена и 12 последователни викенди персоналот на Клиниката за кардиохирургија во Ниш работел без надомест, листите на чекање во оваа клиника веќе не постојат, соопшти др. Драган Милиќ од клиниката. Тој вели дека во оваа институција има само списоци за закажување, но не и пациенти кои чекаат.
„По речиси 100 дена работа и 12 последователни работни викенди, целта на нашата Клиника за кардиохирургија на УКЦ Ниш е постигната, готови се сите листи на чекање за кардиоваскуларни операции. На нашата клиника од денеска нема листи на чекање и ниту еден пациент кој ќе помине на клиниката за анестезиологија нема да чека подолго од 5 до 15 дена за операција. Од утре клиниката се враќа во редовна работа“, напиша тој на Фејсбук.
„Листата на чекање со 149 пациенти на почетокот на оваа година се претвори во листа за закажување на која сега има 42 пациенти! Веќе нема да се чека за операции за кои лани требаше да се чекаат 3-4, а понекогаш и 6 месеци“, вели др. Милиќ.
Тој наведува дека за 100 дена биле направени вкупно 248 операции, додека лани во исто време биле направени 117.
„Само во март годинава се направени неверојатни 98 операции! Бројот на хоспитализирани пациенти во првите 3 месеци од минатата година бил 145, а годинава дури 353! Бројот на амбулантски прегледи во периодот јануари-март годинава беше 3.014, а лани 1.467“, пишува тој.
Тој нагласува дека во однос на минатата година двојно е зголемен бројот на операции, прегледи и хоспитализации.
„Само стапката на смртност остана иста – под 2% (1,98%) вклучително и итните случаи. Ниту еден од пациентите кои беа оперирани за време на викендите не почина (постоеше сомнеж дека во викендите се губи концентрацијата во работата и затоа квалитетот на работа се намалува) … Оваа претпоставка не се покажа како точна…“ пишува Драган Милиќ.
„Горд сум на целиот персонал на клиниката, кој истраја и несебично го издржаа ова исклучително силно темпо на работа и го исполнија ветувањето дека ќе ги елиминираат листите на чекање. Бидејќи работата за викенд беше неплатена, тие докажаа дека има поважни работи од парите – тоа е грижа за пациентите, грижата за луѓето со кои живееме, кои можеби ќе ги сретнеме во градот и не сме ни свесни дека им е потребна помош“, пишува директорот.


