Драги пријатели, драги сограѓани, ве молам, одвојте малку од вашето време за да го прочитате мојот повик.
А мојот повик е за масовниот граѓански протест утре (недела, 17 мај, во 14 часот) пред Владата.
Никогаш досега не сум повикал на партиски митинг или протест, или пак на било каков собир или активност кој има поврзаност со некоја политичка партија, но сега, ве повикувам на овој, кој е граѓански, но во чија организација главна улога има една политичка партија (СДСМ), како и нејзини коалициски партнери, но и многу граѓански организации, познати личности, интелектуалци, како и пријатели на Македонија од странство.
Бидејќи во оваа држава, со текот на годините, медиумските труби на власта критикувањето на таа власт го прогласија за најголем грев, и се трудат да наметнат мислење дека ако ја критикуваш власта мора да си дел од опозицијата, веројатно повеќето мислите дека сум член или поддржувач на СДСМ. Сепак, тоа не е точно. Никогаш не сум бил член на ниту една партија, а моето прво излегување на избори, мојот прв глас во животот го дадов токму за ВМРО-ДПМНЕ предводено од Груевски, мислејќи дека човекот навистина се грижи за државата и за доброто на граѓаните.
Ах, колку само наивно од моја страна. Тоа е една од работите за кои најмногу се каам, и навистина ми е жал што и јас сум помогнал во инсталирањето на ова лудило кое моментално ја уништува државата. Токму затоа чувстувам одговорност за ова дереџе до кое е доведена нашата држава и чувстувам дека е дојден момент кога мора нешто да се направи.
За тој мој глас за Груевски можам да дадам изговор, дека не сум знаел што планира и каков човек е. Но, дојде време кога нема никаков изговор за се уште да се поддржува овој човек и неговата власт.
Веќе неколку години е јасно дека овој човек не и мисли добро на Македонија, дека воопшто не се грижи за Македонија, туку само за пари и исполнување на своите фантазии. Веќе неколку години многумина кои сме од оваа страна на „барикадите“, укажуваме, посочуваме, предупредуваме на ова, и добар дел од нашите сограѓани ги слушнаа тие апели и видоа за каков владетел и каква власт се работи, па престанаа да ја даваат својата поддршка.
Но, многумина не веруваа или не сакаа да веруваат, бидејќи тоа ќе ги натераше да чувстуваат лична одговорност или вина за тоа што се случува, а покрај секојдневните лични проблеми, тешко е да се носи со себе уште еден таков товар.
Затоа, најлесната работа е да кажеш – јас сум неутрален, јас не сум партиски определен, мене политика не ме засега. Но, те засега. И тоа како те засега.
Те засега ако си ученик или студент, соочувајќи се со лошите реформи и експерименти.
Те засега ако си невработен соочувајќи се со барањето да земеш книшка за да добиеш (слабо платена) работа.
Те засега ако си вработен во администрација или во фирми блиски до власта соочувајќи се со закани да мора да гласаш, и да правиш списоци со други гласачи, или да излегуваш на разни митинзи, контра-протести и слични глупости.
Те засега ако не сакаш да направиш ништо од ова па мора да извадиш бугарски пасош или да бараш друг начин за да избегаш од својата земја и да одиш да работиш во некоја туѓа, далеку од твоето семејство, од твоите роднини и пријатели.
Те засега ако си хонорарец, па и покрај тоа што немаш редовно вработување и мораш да се убиваш од работа за да може да го поминеш месецот, дополнително треба да издвојуваш од тешко заработените пари за да им дадеш на алчните од власта.
Те засега ако си бизнисмен, па мораш да плаќаш рекет (или како што би рекле – спонзорства), мора да плаќаш разни давачки, мора да ја поддржуваш власта, или ти се закануваат инспекции кои ќе ти го уништат бизнисот. А ако си успешен, ризикуваш и да ти се намерачат господарите на нашите животи и да ти го преземат бизнисот, а ти нема каде да се пожалиш.
Политиката не засега сите нас, а дека тоа е така, најдобро може да се види од снимките кои ги објавува опозицијата, од таканаречените „бомби“. И токму тие снимки, токму тие „бомби“, го одземаат изговорот дека треба да бидете неутрални. Не можете да бидете неутрални во време на голема неправда, бидејќи со тоа единствено му помагате на тој што ја прави неправдата.
Замислете дека сте сведок на сообраќајка, дека гледате како некој поминува на пешачки, а возач поминува со огромна брзина и го покосува, усмртувајќи го на лице место. Зарем и во тој случај ќе бидете неутрални, зарем и во тој случај ќе се правите дека не сте виделе, дека не сте знаеле, дека не е ваша одговорност, дека не треба да сведочите како било и кој е виновен? Зарем и тогаш ќе кажете дека сите се исти и еднакво виновни, и пешакот кој поминувал на пешачки, и возачот кој возел со преголема брзина и го убил? Зарем нема да ве јаде и измачува совеста ако не направите ништо?
Таква е ситуацијата во нашата држава, а тоа го покажуваат и „бомбите“. Лудите возачи седнати во автомобилот наречен Влада на Република Македонија, секојдневно покосуваат многу ваши сограѓани, им ги уништуваат животите, само затоа што не се со нив, само затоа што не им се по ќеиф, само затоа што не се согласиле да влезат во нивниот филм. И истите тие луди возачи, со огромна брзина ја носат државата кон провалија, кон дупка од која ќе нема никаков излез. И на тоа не смее да се молчи, тоа не смее да им се дозволи.
И јас на почетокот на мојата новинарска кариера се трудев да бидам неутрален, да балансирам, да ги критикувам и исмејувам – малку едните, малку другите. Ама по извесно време сфатив дека тоа нема апсолутно никаква смисла, посебно не со вакви лудаци на власт. Тоа е принципот познат како „5 минути за Хитлер, 5 минути за Евреите“. Се знае кој ја има најголемата одговорност за водењето на државата – тоа секогаш е власта, која и да е, и тоа ми е намерата за понатаму, да ја критикувам и било која идна власт, дали таа би била на СДСМ, или на ВМРО-ДПМНЕ или на било која друга партија.
Не треба да ми верувате мене, или на било кој друг критичар на власта. Слушнете ги самите нив во снимките од „бомбите“. Слушнете ја нивната алчност, нивната злоба, нивното изживување и психопатско смеење, нивните криминали, нивните злосторства, нивните злоупотреби, нивната омраза, прикривањето убиства и смеењето врз трагичните судбини.
Зарем мислите дека такви луѓе може да направат нешто добро за државата, дека може да ни понудат некаква иднина?
Не, драги сограѓани, со нив на власт само ќе тонеме и тонеме, се додека целосно не пропаднеме, а можеби и ќе се распаднеме како држава.
И на крај, драги мои сограѓани, членови и поддржувачи на ВМРО-ДПМНЕ, и вработени во администрацијата приморани да гласате и да ја поддржувате власта на Груевски…
Претпоставувам дека ви е многу тешко во овој период. Тешко поради тоа што ја дознавате болната вистина за тоа какви луѓе се на чело во вашата партија и во нашата држава, тешко поради тоа што и покрај се, упорно ве тераат и ви се закануваат дека мора да лајкувате и споделувате на Фејсбук, да се собирате по разни сали низ државава за да слушате празни говори, тешко поради тоа што живеете во неизвесност, што ќе донесе утрешниот ден, тешко поради тоа што во понеделник треба да излезете на контра-протест кој нема никаква поента, каде треба човекот кој го купил пола Водно, кој скришно од сите се вози во Мерцедес од 600 илјади евра, да ви зборува за чесност и љубов кон државата. А вие ќе треба да му аплаудирате, иако знаете дека најдрско лаже.
Но, можете и да не одите, можете и да не се понижувате дополнително. Можете да му откажете послушност и да му кажете „не“. Можете да се осмелите и да му кажете дека е доста, и дека е време да си оди.
Јас сум уверен и знам дека во вашата партија има многу луѓе кои се чесни, кои се паметни и образовани, кои имаат добри намери, кои си ја сакаат државата и имаат визија и кои можат да го заменат Груевски, кои можат да ги заменат неговите соработници, кои можат да ја вратат Македонија во нормала.
ВМРО-ДПМНЕ опстои и дојде на власт и после Георгиевски, може да опстои и повторно да дојде на власт и после Груевски.
Груевски и неговите другарчиња со сигурност ќе се најдат на погрешната страна на историјата, како луѓе кои работеле спротивно на интересите на својот народ, кои работеле на уништување на државата. Немојте и вие да бидете на таа страна. Што ќе им кажете на вашите деца и внуци?! Каков изговор ќе имате за вашето соучество?!
Драги мои сограѓани – поддржувачи на власта. Груевски може и да продолжи да владее. Но неговото владеење изгуби секаква смисла. Тој веќе нема што да понуди. Сите негови митови се распаднаа, сето она што го нудеше испадна дека било само параван за ограбувањето и уништувањето на државата. Груевски единствено може да продолжи да владее со страв и со закани. А во тоа нема ќеиф. Понатамошното владеење на Груевски би било исто како врска со насилник кој ја тепа својата партнерка/сопруга. Нема љубов, нема страст, нема ништо, има само страв. Таа стои и понатаму со него бидејќи му се плаши а тој го знае тоа. Што би рекла Горде, нема лезет во таа работа.
Дури и да успее да продолжи да владее, неговото владеење не може да потрае уште долго. Тоа јасно се гледа од изјавите на странските амбасадори.
„Јас и четири други амбасадори (на САД, Велика Британија, Германија и Франција) јасно му кажавме на Груевски дека ризикува дипломатска изолација доколку не преземе брзи мерки во областа на слободата на печат, владеењето на правото и доколку не започне сериозна истрага за обвиненијата што произлегоа од телефонските прислушкувања“, рече италијанскиот амбасадор Белели во изјава за италијанскиот весник Пиколо.
Треба да сте исклучително наивни за да мислите дека Груевски има макар и најмала намера да преземе брзи мерки во било која од овие области. Баш напротив, ситуацијата ќе се влошува и доколку Груевски остане на власт, тоа би била отворена диктатура.
Знаете што значи тоа?
Тоа значи дипломатска изолација, а со тоа и секнување на сите пари во облик на кредити или помош на државава од странство, секнување на сите странски инвестиции, изолирање на државата да живее сама со себе.
Мислите дека Македонија може да го издржи тоа?!
Не, драги мои, не може. Македонија нема нафта, нема гас, нема ништо од што би можела да живее сама со себе. Тоа, со едноставни зборови кажано, значи дека за неколку месеци ќе снема пари за плати и пензии, ќе снема пари за функционирање на државата. Тогаш самите членови на владејачката партија и вработени во администрацијата ќе се кренат и ќе го сменат Груевски, но, за жал, тогаш ќе биде доцна и се плашам дека тогаш нашите пријатели од меѓународната заедница нема веќе да ни помагаат и ќе ризикуваме да ни се растури државата.
Затоа, ова е последниот момент кога мора да се дејствува, кога мораме да покажеме дека се грижиме за нашата држава и нашите животи.
Немојте да седите дома, немојте да чекате друг да ви ја заврши работата. Дојдете на масовниот граѓански протест утре (недела, 17 мај, во 14 часот) пред Владата за сите заедно да му кажеме на Груевски дека ни е веќе доста и дека е време да си оди.
И не се плашете од нарачаните текстови и прилози во куртон-медиумите кои заплашуваат дека се спремало насилство. Па зарем насилство во присуство на странски политичари кои го најавија своето присуство и кои ќе држат говор таму? Зарем насилство од девојчињата кои направија жив штит и ги бранеа полицајците од провокаторите кои сакаа да ги гаѓаат со камења и шишиња?!
И да… вашето присуство нема да значи поддршка за Заев или СДСМ, или било која друга опозициска партија, туку давање црвен картон на Груевски.
Впрочем, и самиот Заев и самата опозиција во многу наврати отворено кажаа дека оставката на Груевски нема да значи дека тие треба да дојдат на власт без избори, туку тоа би значело формирање преодна влада (може да биде експертска, од реномирани и почитувани професори) која треба да ја врати државата во нормала, која во неколкуте месеци за своето постоење ќе спроведе попис, ќе го прочисти избирачкиот список и ќе ја припреми државата за предвремени избори, први по многу години кои ќе бидат навистина фер и демократски и на кои сите ќе можеме слободно да ја изразиме својата волја за тоа кој сакаме да ја води нашата држава. Ако случајно Заев или било кој друг се обиде да дојде на власт без избори јас ќе бидам првиот кој јавно ќе излезе против тоа!
Не барајте трети опции денес. Третата опција не може да се појави и да опстојува во време на диктатура и медиуми под контрола на власта. Па и најчесниот човек да влезе во политиката, медиумските труби на власта ќе го прогласат за предавник и арамија.
Дајте да го избркаме Груевски, па потоа ќе дискутираме за програма, за втора или трета опција, за идеи за подобро утре.
Но подобро утре со Груевски едноставно е невозможно!
Се гледаме пред Владата!
Јован Постолоски – Јофе


