Силното невреме и обилните дождови предизвикаа катастрофални штети во струмичкиот регион. Најкритично е во селото Костурино, каде во налетот на водата загинаа повеќе од 100 јагниња и овци.
Поплавени се и земјоделски површини, а земјоделците се по своите ниви и се обидуваат да го спасат она што може да се спаси. На терен се и повеќе багери кои помагаат за намалување на штетите. Денеска, состојбата полека се стабилизира, информираат од Центарот за управување со кризи.
– Состојбата е стабилизирана и се бележи опаѓање на водостојот на реките Струмица и Тркања, иако на одделни места сè уште има појава на заезерување. Поради излевањето на реката Тркања кај селата Сачево и Муртино поплавени се поголеми површини земјоделско земјиште, пластеници, како и дворови на куќи во с. Муртино. Во текот на денот ангажирани се 5 булдожери, 5 камиони со песок и 1 багер за интервенција на критичните локации. Пријавено е дека надојдените води од реката Тркања кај месноста Шепово однеле 120 овци и 100 јагниња, сопственост на жител од с. Костурино. Реката Плаваја во с. Подареш е со зголемен водостој. Екипи на ЕЛС Радовиш и ЈП „Плаваја“ извршиле санација и состојбата е ставена под контрола, без опасност од излевање.
И покрај обилните врнежи од дожд што во изминатиот период ја зафатија речиси целата територија на земјава, засега нема ризик од излевање на реките во источна Македонија, уверуваат од „Водостопанство Брегалница“ – Подружница Кочани, од каде посочуваат дека состојбата на водостоите во источниот регион внимателно се следи и дека сите водотеци се во рамки на нормалата.
Инаку, освен зголемените водостои, на повеќе патни правци на истокот од државата се забележани и зачестени одрони, информираат од Македонија пат и апелираат до возачите на крајна внимателност.
извор: 24.mk


