Како да му се објасни на едно дете: Бабо, зошто овие зборуваат глупости?!

За првпат оваа година го однесовме нашиот Јосиф на претстава. Колкава возбуда беше тоа да влезеш во Театарот за деца и младинци преполн со дечиња од 3-6 години и тоа за првпат во својот живот. Прекрасно нешто. Атмосфера на детски жагор… исчекување… нешто ново во детскиот живот… предпразничен амбиент.

Се наместивме во своите седишта, поблиску до бината. Светла, бина и се тоа за прв пат. Бајката ја знаевме сите наизуст, особено Јосиф, бидејќи тоа е неговиот свет кој еден ден ќе биде основа за неговата полнотија како личност.

Претставата почна… излегоа на сцена кралот кралицата… децата плескаа… и приказната почна. А почна и нашиот кошмар, а и кошмарот на Јосиф.

Па добро луѓе… Бајката Снежана и седумте џуџиња е напишана од браќата Грим уште во далечната 1812 година. Со векови таа ја освојува мечтата на најмладите. Идејата на бајката е да се разбуди сознание за добро и зло кај младите умови, да се поттикне мечтата низ воведување на поими како магиско огледало… џуџиња со карактери кои кај децата треба да разбудат свест за постоење на различни индивидуи, да се поттикне нивната верба во животот дека доброто победува, да се надградат нивните мали духовни битија и да ги подготват за возвишен поглед на свет. Не случајно бајките постојат стотици и стотици години. Дизни ги надградил до совршенство давајќи им ликови кои можат децата да ги видат.

И сега да се вратам на претставата. Ме вџаши нивиот однос кон делото и кон публиката. Прво што ме збуни почетокот, кога од старт решија да ја воведат смртта како феномен непознат за овие мали умови… актерот почна да се „кези“ и да се дере… умреееееее… умреееее… па другите двајца на сцена се изнасмеаа. Па се разви приказната едниот од актерите кој требаше да биде лошата кралица, која овој пат ја одглуми машко… се крена да се дере по сцената, тури една перика која му покриваше дел од главата… па се заврти кон детската публика и со „кезење“ заурла… па што ако не сум бричена… па на фејсбук нема лајк да ми ставите….????????

Потоа грабна еден голем нож и почна да мавта со него по сцената дерејќи се… убиии… уби ја…!!!

Оф, мори мила мајчице… од каде поимот Фејсбук и лајк да му биде познато на 3-5 годишно детенце. Од каде бричење и брада на лошата кралица. Од каде простачко однесување и дерење со зборовите а мори… брееее… го даваат ликот на лошата кралица. Од каде простотилакот ќе го престави злото. И што е најчудно некои од децата се смееја на тоа дерење по сцена. Од каде поимите умри или уби да му бидат блиски на едно 4 годишно дете и да ги прифати со леснотија или насмевка.

Го погледнав Јосиф, устата му беше подготвена да заплаче. Се спремаат да му ја убијат надежта. Го прашав што ти е? И тој ми одговори со искреност на тригодишно дете… Бабо зошто овие зборуваат глупости?

Станавме и си отидовме. Не можам да се ослободам од мислата дека се вложуваат пари, децата сакаат да одат на театар, преполно беше, тоа е прекрасен начин да се воздигнат младите неискварени души, можност да им се пренесат пораки кои кога ќе бидат зрели личности ќе ги водат во животот. А што им даваме ние… „дерање“ и простотилак кој го имаат на секое ќоше каде и да се завртат. Упропастени бајки и приказни.

 Што е тоа што неправило да се изгуби барометарот за квалитет? Кој дозволил толку длабоко да потоне возвишеноста, креативноста и убавината. Со која одговорност ние им го одземаме тоа на нашите млади кои треба да ја креираат иднината на оваа земја.

Ја гледав „Снежана и седумте џуџуња“ како приказна на мраз во Лос Ангелес. Тоа беше совршенство на изведба, костими, музика… излегов со грутка во грлото од што ми се разбуди чувството на големина и вербата дека се е можно да се направи на овој свет. Во главата ми се родија илјадници креативни мисли за разни приказни и креативни можности. Ме оставија буквално без здив. И денес не можам да се ослободам од мислата… зошто тие деца од своја најмала возраст и на самиот старт на својот живот да поаѓаат од сосема друга основа во животот. Не е ли тоа предуслов за неможност да се искомуницира правилно во подоцнежната возраст. Нема ли тоа да ги направи културолошките разлики непремостиви. Дали една ваква наивна работа како една претстава за деца… нема да ја искрои нивната понатамошна судбина.

Децата се голема одговорност. Ги воспитуваме секој миг… треба да станеме свесни за тоа и да почнеме да им нудиме бајки, мечти, креација и магија во животот. Сто пати повеќе ќе ни се врати како плод.

maliot

Најнови вести

Најново од Ракурс, Топ Вести

Најчитани вести