Како функционира прислушувањето и дали оваа афера има основа?

Аферата со наводното прислушување на премиерот Мицкоски, новинари и бизнисмени, наместо безбедносен скандал, сè повеќе личи на класичен пример за манипулација со јавноста преку намерно искривување на начинот на кој функционираат безбедносните служби.

Во суштина, оваа „афера“ можеби се однесува на рутинска оперативна работа на службите, во која цел на следење може да биде трето лице, осомничено или ризично по безбедноста – а не луѓето со кои тоа лице комуницира. Во вакви случаи, службите прибираат комуникации од тоа лице кое е предмет на следење и сите лица со кои тоа лице комуницира. Ова неретко подразбира и јавни личности, новинари, политичари и други кои влегуваат во комуникација со таргетот. Тоа не значи дека тие лица се објект на прислушување.

Како навистина функционираат службите?

Секој случај на следење, во демократски системи, вклучува прецизно дефинирана оперативна обработка. Тоа значи дека некоја институција (обично АНБ или УБК во минатото) отвара предмет врз основа на законски индиции – криминал, странски влијанија, радикализација и сл. Во текот на таа обработка, службите можат да прибираат податоци и за комуникациските контакти на целта, но само лицето со конкретна обработка е субјект на следење. Останатите се индиректни извори на податоци и не се класифицираат како „следени“.

Со други зборови – ако премиерот комуницирал со лице под обработка, тој не е мета на следење, туку се појавува во контекстот на легитимна активност. Доколку службите не го следеле него директно, туку третото лице, нема никаков скандал.

Што прави власта?

Наместо стручно да објасни за што точно станува збор, премиерот ја пласира тезата дека бил „жртва на системот“. Притоа не е прецизирано дали имало отворен предмет за него, дали е донесена судска наредба, дали бил активна цел на следење ниту е понуден конкретен доказ.

Во меѓувреме, директорот на АНБ вели дека не се работи за „прислушување“ туку за „прибирање информации за таргетирани лица“. Тоа може да значи дека се работи за трето лице, а Мицкоски евентуално се споменува во тој контекст. Но наместо тоа стручно да се разграничи, случајот се користи како политичка закана и обид да се создаде клима на заговор.

Поранешниот директор на АНБ, Виктор Димовски, дополнително ја разбива оваа нарација, велејќи дека Мицкоски во ниту еден момент не бил предмет на обработка во времето кога бил во опозиција.

Опасноста од вака конструирани скандали

Кога една влада ја користи терминологијата на безбедносните служби за политичка пропаганда, се отвора сериозно прашање: дали се обидува да го партизира безбедносниот систем?

СДСМ со право бара декласификација на сите документи поврзани со случајот. Ако имало злоупотреба, јавноста треба да ја знае. Ако не – тогаш треба да се одговори зошто премиерот манипулира и ги вклучува новинарите, бизнисмените и политичарите во фиктивна афера, само затоа што нивните имиња биле забележани во комуникациска мрежа со трето лице.

Ова е класичен пример на селективна вистина – се вади политички материјал од регуларна институционална активност и се прикажува како заговор. Тоа не е само етички проблем, туку директна злоупотреба на довербата што граѓаните ја имаат во безбедносниот систем.

Најчитани вести