Откако повеќе здруженија на граѓани, вклучувајќи ги и опозициските партии реагираа за состојбата со загадениот воздух во Скопје, од кабинетот на градоначалникот конечно со ефикасно решение.
Иако сите ги знаат, сепак на никого не му текна досега дека со бонбоните „Бронхи“ полесно се дише.
Ова е новото идеално решение што денеска беше презентирано во просториите на Град Скопје, каде што многумина со здравствени проблеми, успеаа да земат уште еден здив откако консумираа „Бронхи“.
Граданачалникот на Скопје, Коце Трајановски, денеска на прес конференцијата рече дека новата мерка за спас од отровот во воздухот и проблемите со дишењето, поради кои веќе многумина наши сограѓани за жал не се повеќе меѓу нас, е многу ефикасна, делува веднаш и во најбрз можен рок ќе биде распространета насекаде низ градот, по сите продавници, институции, а во најзагрозените делови од Скопје, на граѓаните ќе им бидат доставувани „од врата на врата“.
– Најдовме решение и за овој проблем и сакам да им кажам на граѓаните дека нема потреба за ништо да се грижат. Ако има некаде проблем и не можат да дишат, јас им стојам на располагање и лично ќе им однесам „Бронхи“. Гарантирам дека веднаш ќе се „раздишат“, изјави градоначалникот Трајановски, додавајќи дека покрај „Бронхи“, градот ќе обезбеди и други видови на бонбони од кои ќе има доволно залихи на располагање, за наредните четири години. Лицата кои лично ќе ги нудат на граѓаните овие бонбони, со себе ќе имаат и „Оџачар“, „Ментол“, „Херба“ и „Fisherman’s friend“.
-Прашање на вкус е тоа, рече Трајановски и додаде дека ако едни не ги сакаат едните, можат тоа да го направат со другите.
На прашањето зошто не излегоа со оваа мерка порано и дозволија веќе две недели граѓаните да дишат од загадениот воздух, Коце Трајановски одговори дека не им текнало, но не се за обвинување затоа што сепак, релативно брзо нашле решение.
-Вие сакате веднаш да ни текне, а на опозицијата не и текна за целото време додека беа на власт до 2006 година. Ним ништо не им текна и ништо не мислеа, а вие сакате нас веднаш да ни текне. Е па не може тоа така. Да се сетеа тие на време, да информираа за ваквата можност, сега граѓаните воопшто немаше да се жалат, туку веднаш ќе побрзаа во најблиската продавница и ќе купеа „Бронхи“. Ние го решивме проблемот за две недели и набавивме доволно бонбони за најкраток можен рок – изјави Трајановски.
Оваа вест не треба да ја сфатите сериозно.


