„Инфлацијата опаѓа и тој тренд ќе продолжи што значи економските мерки го даваат посакуваниот резултат. Оваа година, како и претходната ја живеевме најголемата економско-енергетска криза која светот ја познава во поновата историја. Ние како земја се изборивме, да го ублажиме ценовниот шок и при тоа не дозволивме ценовен удар врз граѓаните, пред се предизвикан од високата цена на електричната енергија како и на храната“ рече премиерот Димитар Ковачевски во интервју за МИА.
Тој додаде дека Северна Македонија успешно се справи со енергетската криза, а тоа го покажаа и резултатите на Светска Банка.
„Токму поради навремените чекори на Владата, земјава претрпе најмала штета во регионот. Паралелно, она што е факт е дека во услови на најголемата криза, оваа Влада предводена од СДСМ донесе системски решенија за подобрување на стандардот на граѓаните кои години наназад се провлекувале и не се ставале на маса за да бидат решени во заеднички дијалог со сите засегнати страни“ рече Ковачевски.
Премиерот исто така кажа дека и покрај високиот ценовен притисок врз животниот стандард на граѓаните, како резултат на економски политики куповната моќ на граѓаните порасна за 30,2 процентни поени.
„Инфлацијата од мај 2011 година до мај 2017 година изнесувала 5,7 отсто, а растот на нето платата 9,2 отсто, односно реалната куповна моќ на граѓаните се зголемила за 3,5 проценти. Во периодот пак од мај 2017 година до мај 2023 во период на пандемија како и голема економска и енергетска криза во која инфлаторниот бран не поштеди ниту една национална економија, кумулативно инфлацијата се зголемила за 29,1 отсто, Во истиот период, растот на просечната плата изнесуваше 59,3 отсто“ објасни премиерот Ковачевски.


