Ковалаинен ќе го заменува Раиконен во Лотус до крајот на сезоната

Хеики Ковалаинен ќе го замени Кими Раиконен на преостанатите две трки од Ф1 шампионатот.

Триесет и двегодишниот Финец ќе му биде тимски колега на Роман Грожан на трките за ГН САД и ГН Бразил, откако Раиконен ќе подлегне на операција на повреда на грбот.
Ковалаинен нема учествувано во Ф1 трка точно една година, од минатогодинешното Гран При на Бразил. Според тимскиот шеф, Ерик Боулие, од Лотус се решиле Ковалаинен да го замени Раиконен наместо резервниот возач Давид Валсеки поради поголемото искуство на пилотот.
„Верувам во способностите на Давид, но мислам дека Ковалаинен е подобар избор за крајот на сезоната. Во тесна битка сме за титулата кај конструкторите и правиме сè што е во наши раце за да завршиме на што подобра позиција. Неизмерно сме им благодарни на тимот на Катерхам и на Тони Фернандес (сопственикот на Катерхам) што се согласија да ни го позајмат Хеики за последните две трки. “ -објасни Боулие.

Од неговите 109 стартови, Ковалаинен се нашол на подиумот четирипати, еднаш како победник, има освоено една пол – позиција и 105 бодови во неговата кариера како Ф1 пилот.

Претпоследната трка од Ф1 шампионатот, трката за Големата Награда на САД, е закажана за в недела 17 ноември, 20:00 часот средноевропско време на патеката во Остин Тексас.

 

Најчитани вести