Купер: Велика Британија ќе продолжи да споделува разузнавачки податоци со САД

Шефицата на британската дипломатија, Ивет Купер, денеска изјави дека земјата ќе продолжи да споделува разузнавачки податоци со САД, и покрај предупредувањата дека може да биде соучесник во напади врз бродови за трговија со дрога во Карибите.

„Имаме долгогодишни безбедносни и разузнавачки рамки, особено со нашите партнери од програмата „Пет очи“, но и пошироко. Тие рамки продолжуваат, па размената на разузнавачки податоци како дел од тие рамки природно продолжува“, рече Купер, пренесува „Тајмс“.

Купер рече дека не ја поддржува потенцијалната воена акција на САД за соборување на венецуелскиот претседател Николас Мадуро, но предупреди дека има „вистински проблеми околу стабилноста и демократијата во Венецуела“.

„Значи, ќе продолжиме да соработуваме со меѓународните партнери, ќе продолжиме да разговараме за овие прашања со САД, но исто така ќе продолжиме да ги водиме сите меѓународни дискусии за ова прашање“, додаде шефицата на британската дипломатија.

Таа изјави дека ја дели загриженоста на американскиот претседател Доналд Трамп за американските операции против картелите во Венецуела.

„Постојат проблеми низ целиот регион во врска со обемот на криминалните мрежи на банди за трговија со дрога“, рече Купер, зборувајќи од палубата на бродот „ХМС Принс оф Велс“, по повод враќањето на најголемиот британски воен брод по осуммесечното распоредување во Индо-Пацификот.

Таа, исто така, потсети на коментарите на американскиот државен секретар Марко Рубио, кој минатата недела ги негираше тврдењата за прекин на размената на разузнавачки информации меѓу двете земји како „лажни“ и „неточни“ вести.

„Како што знаете, ние не коментираме за деталите за разузнавачките прашања, но мислам дека веројатно сте виделе дека американскиот државен секретар ги отфрли некои од извештаите“, рече Купер.

Британскиот министер за одбрана Џон Хили нагласи дека британскиот воен персонал секогаш ќе дејствува во согласност со меѓународното хуманитарно право.

Тој одби да коментира за каков било можен напад на САД врз Венецуела, велејќи дека „не сака да навлегува во хипотетички сценарија“.

„Во однос на воените и разузнавачките операции и споделувањето со САД, тие се наш најблизок партнер во безбедноста, одбраната и разузнавањето и ќе останат такви“, рече Хили.

Минатата недела, британскиот државен обвинител, лорд Хермер, им рече на министрите да го прекинат споделувањето разузнавачки информации поради загриженоста дека претседателот Трамп би можел да „убие“ дилери на дрога откако ќе ги означи картелите како терористи.

Извор од Кралската морнарица наведува дека на морнарите и е наредено да не учествува во потенцијални напади врз Венецуела.

САД од септември нападнаа повеќе од 20 бродови во Карибите и источниот Пацифик, што предизвика шпекулации дека Велика Британија престанала да споделува некои информации.

Минатата недела, Венецуела соопшти дека ја распоредила војската низ целата земја за да се спротивстави на растечкото американско поморско присуство покрај нејзиниот брег.

МИА

Најчитани вести