Капитенот на македонската ракометна репрезентација и лидер на листата на стрелците во досегашниот тек од Европското ракометно, Кирил Лазаров во интервју за ракометниот портал „Balkan-handball.com“ откри дел од проблемите со кои се соочува националниот тим.
Тој анализирајќи ја играта на натпреварот со Исланд заклучил дека тимот не бил подготвен за одлучувачките моменти.
– Го имавме Исланд, но не трениравме, ниту пак бевме подготвени за одлучувачките моменти од натпреварот. Мора да се тренира за да сте подготвени и сигурни да одиграте како треба во такви моменти. Бев разочаран по поразот, изјави Лазаров.
Македонскиот капитен додава дека за да не се наруши атмосферата во тимот дел од играчите кои се незадоволни молчат.
– Во досегашниот тек од првенството имаме три порази, едно реми и една победа. Примарната цел е исполнета, но е далеку од нашите очекувања. Сите се правиме дека сме задоволни само поради „мир во куќата“. Не ми се допаѓа таквиот пристап. Тоа во иднина може скапо да не чини. Лошите работи засега мајсторски ги покриваме, вели Лазаров кој проговори и за натурализацијата на играчи.
– Натурализација? Без натурализирани играчи, играјќи со срце стигнавме до втората фаза. Во вториот круг се уште ништо немаме направено. Играчите не се согласуваат со тоа, но системот е таков, мора да се молчи. Не сме на добар пат, рекол капитенот на македонската репрезентација Кирил Лазаров.
Македонија денеска од 16 часот го игра третиот натпревар од групата 1 на Европското првенство, противник е светскиот првак Шпанија.
]]>


