Ворачова беше во иста ситуација како Ѓоковиќ – невакцинирана против ковид, од Австралиската федерација добила ослободување од важечките антиковидиски прописи за да може да игра на „Австралија опен“, турнир што започнува на 17 јануари. Чешката тенисерка го прележала вирусот кон крајот на минатата година.
Ворачова пристигнала во Австралија во декември. Таа одиграла и еден подготвителен натпревар, по што во четвртокот ненадејно беше приведена и сместена во хотелот во кој престојува Ѓоковиќ, бидејќи австралиските власти ѝ ја укинаа визата.
За разлика од Ѓоковиќ, таа одлучила да се откаже од учеството на турнирот и да ја напушти Австралија.
Во интервју за чешките весници таа ги опиша условите на „притворот“.
„Сама во собата и не можам да одам никаде. Само малку, неколку сантиметри, можам да го отворам прозорецот. Обезбедувањето е насекаде, вклучително и под мојот прозорец“, изјави Ворачова, додавајќи дека „се чувствувала како во затвор“.
Австралиската гранична полиција денеска соопшти дека уште едно лице поврзано со „Австралија опен“, на кое исто така му била укината визата, „доброволно“ ја напуштило земјата.
]]>


