Љупчо Николовски добитник на највисоката општинска награда на Крива Паланка, наградата „8 Октомври“

Во знак на сите заложби за развој и поддршка на неговата родна Крива Паланка, синоќа на свечената академија по повод 8 Октомври – Денот на ослободување на Општина Крива Паланка, на министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство Љупчо Николовски, му беше доделена  годинашната награда „8 Октомври“, највисока општинска награда што се доделува за особени постигнувања за развој и унапредување, промоција и афирмација на градот.

На академијата беше кажано дека од било која позиција да настапува, настапува во името на напредокот и иднината на Крива Паланка, со поддршка на бројни проекти за развој на градот со кои континуирано се гради, осовременува и развива општината, максимално посветувајќи се за своето родно место со сето срце, голема желба  и длабока припадност.

Градоначалникот Сашко Митовски му ја врачи наградата и рече дека Николовски остава длабок печат и трага со својата енергија, пожртвуваност и работа за градот, за да градот денес изгледа како што изгледа.

-Посакувам градот да има уште вакви прилики, уште вакви луѓе што си го сакаат својот град со целото срце и душа. Наградата се доделува за да никогаш не се заборави се она што како трага го има оставено во градењето на нашата Крива Паланка,порача Митовски.

Николовски рече дека сепак, оваа награда која претходно е доделувана на спортисти, уметници, истакнати и познати кривопаланчани, не му припаѓа само нему, туку на сите останати заслужни што добија признанија од општината, сите што се постојано во корелација со градот, што помагаат секојдневно и на сите на кои постојано им се обраќаат граѓаните и добиваат помош и поддршка.

– Оваа награда им припаѓа на сите што дадоа поддршка на сите крупни проекти, на секое мало проектче, на сите мои колеги во Владата кои во овие 6 години даваат поддршка за се што е за Крива Паланка, низ секоја година, на секоја програма и секое министерство, затоа што имавме визија, ако овој регион Североистокот, беше запоставен,сега е моментот да направиме се за да и регионот и Крива Паланка бидат на мапата. Ја вративме со многу проекти, коридори, стотици милиони евра, со тоа што ја поврзавме, што правиме проекти за градба после 30, 40, 50 години. Го правиме сето тоа за сите граѓани, за секој еден жител и повторно, заедно со сите мои колеги, чинтели од кој било сектор, успеавме да наметнеме еден позитивен тренд да правиме се за младите луѓе, таа визија за ваква, модерна, Европска, урбана, зелена и уредена Крива Паланка да се оствари. И овие делегации што доаѓаат денес по одреден период, велат -да навистина е уредена, чиста општината, урбана,зелена. И тоа е таа  наша Крива Паланка, за која од срце ден и ноќ работиме и ќе продолжиме да работиме така се додека ја имаме довербата, обврската и одговорноста, рече Николовски.

Плакета за особени достигнувања и придонес во развојот и афирмцијата на Општина Крива Паланка за 2023 е доделена на Оливер Спасовски, Министер за внатрешни работи во Владата на РС Македонија.

Признанија за особени постигнувања од значење за развојот на Општина Крива Паланка и за нејзина афирмација во Република Северна Македонија и во светот за 2023 година се доделени  на: Kостадин Aцевски – директор на ЈП „Македонија пат“, Митрополит Кумановско-Осоговски г. Јосиф, Теодора  Илиевска – „Амика мика“ДООЕЛ, увоз-извоз Крива Паланка, Здружение за културни и уметнички дејности „Џојфест“ Крива Паланка – Александар Михајловски, Гоце Ристовски, уметнички директор на Меѓународен театарски фестивал „Св. Јоаким Осоговски“, Слаткарница „Спорт“, Крива Паланка, локален кривопаланечки бренд, КУЗ „Карпош“, Кристијан Станојковски, државен сениорски првак во пинг-понг 13 пати по ред, Александар Трајановски – директор на УК ТОАРИЛУЦ и тимот на лекари од ургентен центар, доктор Софија Пејкова – директор на Универзитетска клиника за пластична и реконструктивна хирургија, професионалец со голема љубов кон својот роден град и своите сограѓани, Д-р Стевчо Митовски – професор на Градежен факултет при УКИМ, Скопје, Проф. д-р Никола Јанкуловски– поранешен ректор на универзитетот „св. Кирил и Методиј“, Скопје и професор на медицински факултет.

MИА

Најнови вести

Најново од Агро Бриф

Најчитани вести