Мајката на Тамара: Напуштeте ги фотелјите, тоа и го должите на Тамара

Говорот (интегрално) на Жаклина Димовска, мајка на Тамара Димовска, од денешниот протест во Велес на кој присутните под мотото „Секое наше дете е Tамара“ со црвени картони в раце и со свирежи бараа оставки од сите кои се одговорни за смртта на Тамара.

Многу ми е тешко! Морам да читам, извинете ме!

Системот на лошите чичковци, две комисии, еден фонд, едно министерство, еден пребавен систем ја потпишаа смртта на мојата Тамара. Систем во кој се решава се преку телефон од власта, за тоа кој има право на живот, а кој не.

Ја оставивте Тамара да чека да се отвори спинален центар во кој и кажаа дека не може да се лечи! Не го дадовте решението, да видиме зошто ја уништивте.

Откако аплициравме во странски болници, после два месеци Тамара доби бесплатно лекување во Чикаго и Германија! Но, во Македонија три дена после смрта. Навистина ова е нехумано непростиво. Зошто? Не издржа срцето на Тамара да се лекува. Среќна беше “ке летам со авион”но – одлета кај ангелите. Зошто Тамарче, зошто?

Да бевте совесни и одговорни за одлуките немаше да се случи оваа трагедија. Знам дека фотелјите се убави, не се оставаат, но сфатете дека мора да ги напуштите ако имате срце и душа, тоа и го должите на тамара! Згрешивте знаете и самите, нова Тамара не смее да се случи. Одете си за другите деца да се лекуваат како што треба, под итно. Одете си, други родители да не ја доживеат оваа болка. Нека тамара ви биде доказ дека многу работи не се во ред во системот, сите сте виновни до еден, не префрлајте ја топката едни на други одговорни сте сите. Во иднина упатувам апел до сите функционери, пратеници, министри. Доколку некој родител чека прием кај вас сослушајте го во чест на Тамара, за да не се случи нова Тамара! Нова трагедија !

Се прашувам само што ќе нареди некој од горе од власта во судска медицина и обвинителство? Дали се запрашавте како ни е нас родителите, останавме без работа, Теона без сестра, ние без Тамара. Сè од притисок од некој одозгора од власта ?

Моравме да ги користиме донациите за достојно да ја погребеме Тамара. Дали заслужуваме помош за да живееме понатаму за жал без Тамара. Не кријте се, излезете и кажете „Си одиме сите, и го должите тоа на Тамара“. Некои медиуми кои сега најдоа време за Тамара каде бевте до сега, молевме за помош?

Упатувам апел до нив, сега нека ни помогнат да го казниме виновникот. Виновни сте сите до еден. Ви благодарам на сите што дојдовте и ни давате поддршка и на сите што донираа за Тамара. Одиме до крај и го должиме тоа на мојата Тамара!

Најнови вести

Најново од Ракурс, Топ Вести

Најчитани вести