Македонија доби голем пораз од Унгарија

Македонската репрезентација со пораз од Унгарија 25:31 (9:16), стартуваше во втората фаза на 11-то Европско првенство. Македонија против Унгарија ги демонстрираше некои слабости кои беа забележливи и на претходните мечеви. Особено тоа се однесува на организацијата на нападите и играта во одбрана со играч повеќе.

Колку што Македонија одигра лош меч, толку Унгарците одиграа добро, тактички дисциплинирано, особено во одбраната, каде вршеа константен притисок врз Кире Лазаров.

Македонија имаше катастрофално издание во првото полувреме, нападот беше премногу стерилен, безидеен, додека одбраната порозна, што унгарските бекови во секој момент го казнуваа. Лошата игра на во нападот беше надополнета и со трите промашени удари од седум метри.

Македонските ракометари во грч го започнаа натпреварот, играта во нападот не беше течна, Унгарците вршеа константен притисок врз Лазаров, што дополнително го отежнуваше движењето на топката во нападот.

Унгарија отвори со 1:4 и предноста од три голови ја одржуваше до резултатот 5:8 (15 минута), потоа следуваше унгарската серија од 1:6 за водство од 6:14 (24 минута).  До крајот на полувремето работите на теренот не се сменија драстично, Македонија на полувреме замина со негатива од седум голови (9:16).

Драстични промени на случувањата на теренот немаше во второто полувреме, Македонија одигра егал со Унгарија, но предноста која противникот ја создаде во првото полувреме, едноставно беше недостижна за лошата македонска селекција.

Пецаковски и Манасков беа најефикасни во нашиот тим со по пет постигнати голови, по четири пати Миклер го совладаа Лазаров и Миркуловски. Борко Ристовски на голот имаше 13 успешни интервенции.

Унгарија ја предводеше Часар со седум постигнати голови.

]]>

Најчитани вести