Македонски апсурд: Евтино извезуваме зеленчук и овошје, а домашната конзервна индустрија увезува скапа суровина

Една од најперспективните и најбрзорастечките индустрии во земјата со години вештачки се кочи во развојот. Имено, од Македонија секој може да купи и да извезува овошје и зеленчук за преработка, а кога тоа треба да се увезе се бара баснословно висока царина од 50%. Тоа особено трагично се одразува во неродните години како оваа кога ќе мора да се откажуваат нарачките од странство, пишува Капитал.
Извозот кој го креира конзервната индустрија во 2014 година пораснал за 3.000 тони или во вредност за 3,1 милион евра за да достигне вкупна рекордна бројка од 51 милион евра, што е раст од 0,8% споредено со минатата година. Станува збор за тренд кој трае веќе неколку години по ред. Во 2007 година вредноста на извозот изнесувал 26,6 милиони евра. Според податоците кои ги добиваме од самите произведители постојат реални пазарни можности овие бројки да бидат неколкукратно поголеми.

Вечниот проблем со недостатокот на суровини?!

Според податоците на Македонската асоцијација за преработувачи индустријата за преработка на зеленчук и овошје минатата година откупила за 10 % помалку суровина во споредба со претходната 2013 година.

Од МАП велат дека намалениот откуп е поради лошите временски услови токму во периодот на зреење на културите, но дел од преработувачите даваат и поконкретни и подлабоки причини за сета оваа ситуација кои се поврзани директно со законската регулатива.
„Ние во овој домен сме еден вид затворена економија. Едноставно станавме суровинска база за поразвиените држави, а нашата суровина стана како резервен дел за останатите преработувачки економии. Кога нив ќе им снема си земаат од кај нас. Нашата законска регулатива им овозможува тие да дојдат кај нас, да ни соберат тоа што имаме и да си одат. Ние како држава немаме механизам на заштита на суровината за домашното производство“, вели Виктор Петров од преработувачката индустрија Випро.

Во услови кога се јавува недостиг од суровина, според преработувачите, треба да се намали царината за увоз на суровина, за да можат да го завршат производството.
Виктор Петров тврди дека најголемиот проблем настанува дури кога домашните производители ќе се приморани да увезуваат суровина.
„Треба да платам 50% царина за да увезам суровина која ми е неопходна. Тука најјасно се гледа затворената економија на дело. Тоа не е царина, туку тоа е забрана за водење на овој бизнис, зошто по ниту една економска логика увезена суровина со толкава царина не може да биде исплатлива“, објаснува Петров.
Според него, ова директно како ограничувачки фактор се одразува на развојот на оваа индустрија.
„Јас не превземам обврски кон странство затоа што не сум сугурен во мојата продукција. Тоа е апурс, имам можности да склучам милионски договори со странство, но тоа не го правам затоа што не сум сугурен во суровината. Во пазарна економија јас треба да можам да увезам од кај сакам со некоја пристојна царина. Како да сум конкурентен кога моите конкуренти Србија како земја членка на ЦЕФТА увезуваат суровини со 18% царина, а јас морам да плаќам 50% царина“.
Според процените на поголем дел од агробизнисмените ваквата мерка за намалување на царината, Владата треба да ја воведува секоја година и таа да почнува на 15 октомври за да трае до почетокот на ноември.

Лошите временски услови ќе ја погодат и следната сезона

Сепак преработувачите на овошје и зеленчук најмногу ги загрижуваат состојбите на теренот бидејќи поради лошите временски услови се’ уште не може да почне подготовката на расадот за зеленчукот, што може да ја пролонгира производствената сезона.
Примарните производители потврдуваат дека особено големи штети поплавите направиле имало кај црвената пиперка, што е главна суровина во преработувачката индустрија.
„Во нашата индустрија статистиките треба да се сметаат една година подоцна. Бидејќи ние сега откупуваме тоа што ќе преработуваме до година. Со оглед на проблемите кои ги имаат нашите примарни производители на терен, слободно може да се очекува една навистина тешка година за конзервната индустрија,освен ако не се донесат соодветни олеснителни мерки кои би ја преокренале работата“, вели уште еден од претставниците на оваа индустрија кого го контактираше Капитал.

Извор: Капитал

Најнови вести

Најново од Агро Бриф

Најчитани вести