Светската фудбалска федерација (ФИФА) денеска официјално ги објави имињата на тројцата кандидати за најдобар фудбалер на светот во 2013-година.
Лионел Меси од „Барселона“, Кристијано Роналдо од „Реал Мадрид“ и Франк Рибери од „Баерн Минхен“ се тројцата номинирани фудбалери за признанието „Златна топка“.
Во оваа конкуренција единствено французинот Франк Рибери, кој со Баерн Минхен освои три трофеи во 2013 година, ја нема освоено Златната топка.
Португалецот, Роналдо беше прогласен за најдобар фудбалер на светот во 2008-та година, а потоа четири години по ред тоа признание го освојува аргентинецот Меси.
Во женска конкуренција номинирани се повеќекратната освојувачка на Златна топка, бразилката Марта, Надин Ангерер од Германија и американката Аби Вомбах.
На церемонијата што ќе се одржи на 13 јануари следната година во Цирих, ќе бидат прогласени и најдобриот тренер, признание за кое конкурираат, поранешните тренери на Манчестер Јунајтед и Баерн Минхен, Сер Алекс Фергусон и Јуп Хејнкес, како и Јирген Клоп актуелниот тренер на европскиот вицепрвак Борусија Дортмунд.
Во конкуренција за најубав гол во 2013 година влегоа погодоците на Немања Матиќ, Златан Ибрахимовиќ и Нејмар.


