Го разбирам незадоволството и негодувањето кај луѓето кои сè повеќе губат трпение од испораката на правдата, кажа на денешната свечена академија за одбележувањето на денот на Св. Кирил и Методиј премиерот Христијан Мицкоски осврнувајќи се на борбата против корупцијата.
-Морам да кажам дека и јас не сум до крај задоволен и сметам дека може многу, многу подобро и со многу побрзи резултати. Немојте да мисли кој било од вас дека не ги слушам оние крици на луѓето кои ѝ се смеат на правдата, кои мислат за себе дека се непобедливи и дека ја измамиле правдата. Денес тие се најгласните критичари на Владата и пресоблечени измамници кои се најзагрижени за тоа дека немало правда. Ним, и на оној дел од обвинителството кој сè почесто смислува изговори, им велам дека трпението е при крај и дека правдата ќе ги стигне сите. Без оглед на тоа какви изговори слушам, трпението е при крај и јас внимателно следам, рече премиерот.
Мицкоски кажа и дека нема да премолчува кога се прават грешки и кога мисли дека потребно е побрзо да се реагира.
-Нема ни да премолчам кога мислам дека се греши, ниту кога мислам дека треба побрзо да се реагира и кога фиоките во институциите се полнат со пријави и тужби за кои обвинителството треба да реагира побрзо. Затоа што јас не влегов во политиката за смислување изговори, туку за ставање ред, за постигнување правда и владеење на законите. Нема да отстапам од тоа да им дишеме во врат на оние кои се богатат и печалат на маката на народот. Ова е последната шанса на оваа генерација да создаде нешто вредно што ќе остане за сите наредни, рече премиерот во својот говор.
Од СДСМ возвратија преку писмено соопштение во кое бараат државниот обвинител Ненад Савески да си поднесе оставка иронично нарекувајќи го „Ненад Ало Савески“.
Ништо друго не прави ама затоа врти-сучи Мицкоски постојано му диктира задачи на јавниот обвинител Ненад Ало Савески. Како што му диктираше насоки по телефон, како што му делеше задачи со чувства од собраниската говорница, од телевизија, сега нова наредба од Мицкоски до Ало Савески. На празник. Трпението му било на крај, вели Мицкоски, во последната скандалозна нарачка. Има ли некого во земјата повеќе што не му е јасно дека судството и обвинителството во Македонија се под целосна контрола на Мицкоски и неговата организирана криминална група? Нема. Сите знаат. Затоа нема правда во Македонија, затоа нема реформи, затоа сме заглавени и со блокиран европски пат. Мицкоски не ги исполнува реформите затоа што не сака независно судство, не сака Европско јавно обвинителство. Тоа би значело правда и крај на заштитата на криминалците на власт односно одговорност од Мицкоски па се до последниот во неговата криминална организација. Откако Мицкоски си го избра на функцијата, ало Савески е цело време на линија со Мицкоски кој работи по неговите нарачки. Мицкоски дава наредби – Савески исполнува. После овие скандалозни изјави и признанија на Мицкоски, најмалку што може да направи Савески е да си даде оставка, уште денеска, порачаа од СДСМ.
Минатиот викенд ВМРО-ДПМНЕ пак оставка побараа од шефот на Обвинителството за гонење организиран криминал Ислам Абази, затоа што негова колешка обвинителка Катерина Коларевиќ го затвори предметот за мазутот. Како што вчера објави „Слободен печат“, Вишото јавно обвинителство ќе биде исправено пред предизвик суштински да ги анализира причините за драматичниот пресврт меѓу иницијалниот наратив за истрагата за мазутот и одлуката на Обвинителството за нејзино запирање, односно да ги разреши дилемите во јавноста зошто од случај за кој се тврдеше дека има криминал од над 160 милиони евра, се претвори во случај без штета.
Иако обвинителката која го водеше случајот рече дека клучни за затворање на истрагата биле изјавите од претставници од ЕСМ дека нема штета, сепак компанијата поднесе приговор и излезе со обвинувања дека обвинителката „паушално го спровела вештачењето“ и „погрешно ги интерпретирала изјавите на инженерите“ и поднесе приговор.
Кривичната пријава беше за серија злоупотреби со набавките на мазут, а МВР кога ја поднесе лани во март тврдеше дека државата претрпела штета од над 167 милиони евра преку наместени постапки и транспортирање на мазутот до ТЕЦ Неготино, а клучно било тоа што претставници на АД ЕСМ изјавиле дека за компанијата нема штета, а тоа било утврдено и со докази.
Минатата недела Обвинителството соопшти дека истрагата за наводни злоупотреби со мазутот била запрена за Ратко Капушевски и неговата фирма РКМ, Асмир Јахоски- сопственик на „Пуцко петрол“ и син на пратеникот на ДУИ, Исмаил Јахоски, поранешните директори во ЕСМ, избеганиот Васко Ковачевски и Адриан Муча, Ерџан Сулкоски и уште 8 други осомничени.
Извор – Слободен печат


