Мицкоски за правосудниот испит: Многу брзо ќе дојдеме до решение кое сите треба да го поддржиме

Говорејќи во црквата „Света Софија“ во Охрид, на свечената академија по повод Денот на сесловенските просветители „Свети Кирил и Методиј“, премиерот Христијан Мицкоски изјави дека е подготвен да се разговара за употребата на јазиците при полагањето на правосудниот испит, нагласувајќи дека нема пречка и заедниците да имаат право да напредуваат и да го користат својот јазик, во рамките на Уставот и законите.

Мицкоски додаде дека образованието е клучот за развојот и дека одлуките во оваа насока треба да ги надминат политичките интереси и да се избегнат „националистичките замки“, најавувајќи дека наскоро може да се постигне решение прифатливо за сите.

„Колку и да нè повлекуваат дневните теми, важно е на некои од нив сериозно да им се посветиме. Колку и да има политика и интереси во позадина при наметнувањето на темата за употребата на јазиците при полагањето на правосудниот испит, јас сум подготвен и на некој начин ми е драго што конечно можеме да зборуваме за образованието, но разговорите мора да се постават во вистински контекст.

Подготвен сум да помогнам во секој процес што би значел подобро и посилно образование. Сметам дека вратата на можностите и спасот за секого е токму силното образование. Тоа нè прави посилни. Тоа може да ја изгради нашата иднина. Единствената шанса за успех е учењето, посветеноста и отворањето нови перспективи.

Немам никаква пречка да се разговара за темите што денес се актуелни и секоја заедница да има право да напредува и да го користи својот јазик, секако додека тоа е во рамките на Уставот, законите и додека се почитува нашиот идентитетски печат – македонскиот јазик.

Затоа многу брзо ќе дојдеме до решение кое сите треба да го поддржиме и кое ќе ги надмине индивидуалните партиски и политички интереси и тенденции, за да не западнеме во уште една националистичка замка. Историјата нè учи дека таквите замки се најдобар метод за оние кои имаат лични криминални или други интереси и редовно се кријат зад вакви теми, кои служат како покритие за вистинските намери – злоупотреба на соживотот и создавање поделби“, изјави Мицкоски.

Најнови вести

Најново од Македонија

Најчитани вести