МКФ в понеделник ќе го претстави новиот селектор Џикиќ

Македонската кошаркарска репрезентација в понеделник (30 декември) на прес-конференција ќе го промовира Александар Џикиќ во нов селектор на сениорската репрезентација.

Џикиќ има богата интернационална кариера на клупски план, со настапи на поголем број силни меѓународни натпреварувања. Кариерата ја почнува како асистент на Душко Вујошевиќ во Партизан, освојувајќи четири национални титули по ред во периодот од 2002 до 2005 година.

Во 2005 година заминува во НБА лигата, каде како асистент во Минесота Тимберволвс станува првиот тренер во историјата на НБА без претходно работно искуство во САД. Во текот на двегодишниот престој во НБА, работи и во тренерската екипа на Сан Антонио и Сиетл.

По враќањето во Европа, на почетокот на 2008 година станува прв тренер на Унион Олимпија, а во наредните години ги предводи и словенечкиот шампион Крка и литванскиот гигант Литвос Ритас.

42-годишниот српски тренер е трикратен шампион на Словенија во сезоните 2007/08, 2009/10 и 2011/12, а во сезоната 2009/10 го освои и трофејот во ФИБА Еврочелинџ купот.

Паралелно со тренерската работа во Крка, беше и селектор на репрезентацијата на Србија до 20 години на Европските првенства во 2011 и 2012 година.

Џикиќ на селекторското место во македонската кошаркарска репрезентација ќе го замени Алеш Пипан кој мина неславно на Европското првенство во Словенија.

Најчитани вести