На 10 септември е закажана седницата на собраниската Комисија за надзор над работата на Агенцијата за национална безбедност (АНБ) и Агенцијата за разузнавање (АР) за сомнежите за незаконско прислушување од АНБ, кое се вршело во периодот од 2019 до 2024 година со точка на дневен ред Предлог на заклучокот за вршење на надзор над работата на Агенцијата за национална безбедност во просториите на Агенцијата.
Седница со таа точка на дневен ред беше закажана за денеска во 11 часот, свикана од претседателот на Собранието, Африм Гаши, но беше одложена, па беше најавено дека ќе се одржи во 17 часот попладнето.
Претседателот на Комисијата за надзор над работата на Агенцијата за национална безбедност и на Агенцијата за разузнавање Скендер Реџепи-Зејд за МИА потврди дека Гаши вторпат денеска ја закажал седницата на Комисијата со истата точка на дневен ред. Потенцира дека се договориле седницата на Комисијата закажана за во 17 часот да се поништи и таа да се одржи како што претходно се договориле на 10 септември. Повтори дека тој ќе работи како што налага Деловникот. Посочи дека додека е претседател на оваа Комисија, тој треба да ја свика седницата.
Скендер Реџепи претходно денеска на прес-конференција рече дека денешната седница закажана за 11 часот не била одложена, туку поништена и најави дека ќе постапува само согласно Деловникот на Собранието. Деловникот е јасен, како што рече, согласно член 126 од Деловникот јас свикувам седница по барање од една третина од членовите на комисијата или по барање на претседателот на Комисијата.
МИА


