На 4 февруари, роденденот на Гоце Делчев, загинал неговиот помлад брат Мицо, кој во Штип го кренал првиот ученички бунт

Бунт на чист понеделник Според обичајот, ден пред Прочка учениците се простиле со учителите, давајќи им портокали. Но, сепак, добиле наредба в понеделник, ден по Прочка, кога е чист понеделник и почнуваат подготовките за велигденските пости, да дојдат на училиште, иако дотогаш на чист понеделник не се учело. Револтирани, дошле на училиште, но изгледа зафатени од револуционерниот занес што во тие години владеел во градот, решиле и тие да направат нешто на своја рака. Мицо ги прашал соучениците дали дотогаш се одело на училиште на чист понеделник. Во еден глас му одговриле дека не се одело. „Е, па нема да одиме ни сега“, рекол Мицо и излегол од училиштето, а по него излегле и сите други ученици. Се поделиле во групи и оделе по ред во куќите на сите соученици, каде што го дојадувале и допивале она што останало од трпезата за Прочка. Попладнето, пак, направиле и повеќе лудории низ градот. Опомените од учителите останале без ефект. На зајдисонце дошле стражари да го растурат бунтот, по што учениците се вратиле во своите домови. Утредента отишле на училиште. Им се чинело дека е се’ во ред, но набрзо ја слушнале казната што им ја изрекол Учителскиот совет. Сто прачки за казна, сцената ја гледале и Гоце Делчев и Даме Груев „Од нас се бараше да кажеме кој го организирал бунтот, кој бил иницијаторот. Но, никој ништо не кажа. Се сеќавам како Гоце Делчев задоволно со раката поминуваше по своите мустаќи и се потсмевнуваше, веројатно задоволен од нашата детска цврстина и храброст. Бидејќи не го откривме предводникот, казната беше еднаква за сите – требаше меѓусебно да се удираме со прачки. Бевме построени во училиштниот двор. Служителот донесе сто прачки. Прозорците и чардаците на околните куќи беа полни со луѓе за да ја видат несекојдневната случка. И Гоце Делчев и Даме Груев, кој исто така тогаш беше учител во Штип, ја гледаа сцената. Се потсмевнуваа и нешто тивко и скришно си шепотеа“, пишува Завоев за „задушувањето“ на бунтот. Реконструираното училиште во кое денес е Ректоратот на Универзитетот „Гоце Делчев“ Со бунтовниот дух, храброста и патриотизмот, Мицо набрзо се вклучил во македонското револуционерно движење. Учествувал во неколку терористички акции и во бунтот во Солунската машка гимназија. Во летото 1900 година станал член на четата на Христо Чернопеев. Згинал на неполни 22 години. Судбината сакала едниот од браќата Делчеви да се роди на 4 февруари, а другиот да загине на истиот датум. Гоце се родил на 4 февруари 1872, а Мицо загинал на 4 февруари 1901 година кај гевгелиското село Бајалци, како дел од четата на Чернопеев, која тогаш била стационирана во гевгелиско-кукушкиот реон. Кај Бајалци четата била опколена од силен турски аскер. Во 13-часовната престрелка загинале седуммина од тринаесетмината комити, меѓу кои и Мицо, другите се пробиле, а кај аскерот имало триесетина загинати. ЗА ДВЕ ГОДИНИ ЗАГИНАЛЕ ТРОЈЦА ОД ЧЕТВОРИЦАТА БРАЌА ДЕЛЧЕВИ Од четворицата синови на Никола и Султана Делчеви од Кукуш, тројца загинале за слобода на Македонија во период од две години. Мицо во 1901, Гоце во мај 1903, а само еден месец по него и Милан, кој бил роден во 1883 година. Тој загинал по битката кај Владимирово, како дел од четата на Крсте Асенов. Од природна смрт во 1927 година починал само најмладиот брат Христо, кој исто така бил учесник во македонското револуционерно движење. Освен Гоце и Мицо, во Штип две години живеела и Катерина Трајкова-Нурџиева, ќерка од прв братучед на Гоце Делчев, која во 1943 и во 1945 година била учителка во градот под Исарот. Учествувала и во борбата за ослободување на Македонија, му била секретарка на Методија Андонов Ченто, а живее во Благоевград, каде што нејзиното семејство во 1915 година дошло од Егејска Македонија. ИЗВОР: ММС]]>

Најнови вести

Најново од Ракурс, Ударни вести