Над 2.500 тутунари се откажале од тутунот, се намалува производството

Годинава не се остварија проекциите на компаниите кои предвидуваа принос на тутун од околу 30 милиони килограми. Намалувањето се должи, пред се, на временските прилики, поројните дождови и поплавите, кои го намалија квалитетот.

Над 2.500 тутунари, поради ниските приноси, откупната цена и проблемите со поплавите се откажале од тутунот и планираат производство на други култури. Ова беше посочено на денешната прес-конференција во Стопанската комора на која беше констатирано дека пад е забележан не само во производството, туку и во извозот на тутунот.

– Ако ваквата тенденција продолжи, можно е, покрај овие 2.500 кооперанти, и други да се преориентираат во однос на дејноста – вели Васко Ристовски од Комората.

Во производната 2014/ 2015 година, склучени се вкупно 34.445 договори за откуп или 19 отсто помалку од лани, насадени се 14.030 хектари тутун или 30 отсто помалку, остварен е принос од 24.857 тони што е 20 проценти помалку од минатата година, а остварена е просечна откупна цена од 117,2 денари за килограм односно 24 отсто пониска од минатата година кога беше 152 денара, соопшти денеска Стопанската комора.

Откупот на тутун заврши во законскиот рок, на 15 март, а тутунарите очекуваат приход од  вкупно 73 милиони евра, 47,5 милиони од откупот и 27 милиони од субвенции.

Најнови вести

Најново од Агро Бриф

Најчитани вести